Европската унија бара решение за Косово

Европската комисија за следниот месец го подготвува извештајот што ќе ја одреди европската иднина на Косово, пренесува денеска приштинскиот весник „Коха Диторе“, истакнувајќи дека во Брисел, поради поделбата на членките на Унијата околу независноста на Косово, се слушаат сигнали дека овој документ нема да донесе ништо радикално ново.
-Имаме една ситуација, уште почудна отколку во времето на УНМИК. Некои држави на ЕУ, кои се против независноста на Косово, особено Кипар и Шпанија, станаа уште поагресивни во своето инсистирање Косово да не се третира како држава, за весникот изјави неименуван европски дипломат во Брисел.
Тој наведува дека е „неверојатно како Кипар и Шпанија инсистираат на тоа во секоја своја реченица, секоја запирка и точка и не забораваат секаде каде се споменува Косово, да ја додадат и заднината „според резолуцијата на СБ на ОН 1244).
Кипар и Шпанија, кога и да се дискутира за Косово, ја поддржуваат политиката на ЕУ за долгорочна стабилизација на Балканот и економскиот развој на регионот, но не дозволуваат да се направи некој конкретен чекор во врска или со Косово, додава весникот.
Дипломатите оценуваат дека првиот тест за нив ќе се случи следниот месец, кога ќе се објави студијата за изводливост на Европската комисија. Дипломатите од земјите кои ја признаа независноста на Косово, додава весникот, „стравуваат дека ЕК нема да постигне или да предложи ништо конкретно освен фразите кои веќе се слушнати“. |