прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Модерно училиште од 200 илјади евра зјае празно

Селското училиште во Добри Дол е една од бројните промашени инвестиции во земјава.
Се користи само една училница, а секоја година во него во просек завршуваат по десетина деца

Жаклина Ѓорѓевиќ

Селското училиште во Добри Дол е сосема непознато за јавноста, но за оние што добро го познаваат ќе остане запаметено како една од бројните промашени инвестиции во земјава.Ретко кој би можел да го  препознае поранешниот руиниран објект сместен во срцето на селото, кој денес важи за елитно учи��иште , кое повеќе асоцира на една модерна, градска средина.Но, никој не можел ни да претпоставува дека и по неговата целосна реконструкција, тоа и натаму ќе зјае празно. За многумина е нелогично како е можно да се инвестира над 200 илјади евра за едно вакво училиште, кое е со неискористен капацитет и во него завршуваат едвај по десетина деца годишно. Да биде иронијата уште поголема, многу пооштетени училишни објекти во околните села се заобиколени, а во овој модерен објект, се користи само една училница. 

Селското училиште во Добри Дол нуди модерни услови за учење какви што би посакало секое дете. Нови училници, тоалети, столчиња, креди, па дури има и парно греење. Објектот сега е проширен, а има три училници. За жал, од трите училници, се користи само една. Во неа учебната година ја завршија само 14 ученици од прво до четврто одделение. Учат заедно во една училница, а ги учи една наставничка која ги групира по групи. Така им предава и ги испрашува. Подрумските простории на училиштето кои се адаптирани за забавачињата, како да се пресликани од некој детски цртеж.Столчињата, кредите, детските играчки, се  негибнати. Тука доаѓаат три помали дечиња од подготвителната група.

Директорот на Централното училиште „Драга Стојановска“ од Сопиште , Иван Крстевски, во чија надлежност спаѓа  и училиштето во Добри Дол се надева дека нивниот број ќе се зголеми уште во текот на идната учебна година.

„Добри Дол е промашена инвестиција. Дадени се огромни средства, а наместо тоа- можело да се санира училиштето во Св.Петка, каде имаме многу повеќе ученици и се работи за поголемо село. Но, во 2001 година не се размислувало така“, раскажува Крстевски. Нему не му е јасно како дошло до тоа да се реновира ова училиште кога во првичниот бран за реновирање аплицирале со проекти за реновирање на училиштата во Долно Соње, Елово и Св. Петка. Според него, тогаш  било реновирано училиштето во Долно Соње, помали реконструкции имало кај училиштето во Елово, а објектот во Св. Петка не бил обновен, иако бројот на ученици тука е поголем.

„Кај ова училиште беше сменет само покривот и тоа со помош на хуманитарна организација“,раскажува директорот и додава: „Наместо тоа, од неразбирливи причини се реновираше училиштето во Добри Дол,. Веројатно процениле дека тоа има потреба од реновирање“.

Во проектната документација стои дека училишната зграда датира уште од 1920 година. Се наведува и дека во 2000 година имало 22 ученици. Но, не е јасно каква била претставата за бројот на ученици во ова училиште, штом надлежните од Министерството за образование и донаторите решиле да инвестираат дури 200 илјади евра во реновирање на училиштето. Со реконструкцијата објектот е проширен на 300 квадратни метри, направени се септичка јама, греење, нова електрична мрежа, но никаде не стои колку чини тоа.

Во Светска банка велат дека училиштето е реновирано во 2001 година со проектот „Рехабилитација на образованието“, со кој се опфатени 33 училишта. Реновирањето чинело околу 200 илјади евра, кои биле обезбедени преку холандски грант. Претставничката на Светска банка во земјава, Сандра Блуменкамп е зачудена од информациите дека во училиштето учат само десетина деца, бидејќи  од Министерството за образование и наука добиле информација дека се работи за 61 ученик. „Ние вршиме контроли и правиме супервизии, но не можам да гарантирам дека нашите податоци се 100 проценти точни“, изјави Блуменкамп за „Утрински весник “.

Според неа, во тоа време постоела загриженост за напуштањето на селата, па затоа се надевале дека со модерното училиште ќе успеат да ги задржат тамошните жители да не се иселат. Од оваа временска дистанца, Блуменкамп оценува дека можеби било подобро да изградат нови училишта, отколку да инвестираат во постојните во кои со години не било инвестирано. 

Во Министерството за образование и наука посочуваат дека немаат доволно документација за повеќето проекти од тој период, или пак, не ги добиле од невладините организации кои им помогнале во реновирањето на училиштата.

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................