прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Муфтија со фалсификувана диплома

Во мај 2005 година се откри флагрантен случај за фалсификувана диплома на секретарот на Исламската заедница во Албанија.

Зулуфтар Дервиши денес е муфтија на џамијата во Лушња. Живее мирно далеку од превирањата и обвинувањата на главниот град. Една година порано, во 2005, тој влезе во една авантура. Во институцијата на Исламската заедница го замени на должноста секретарот Сали Тивари, кој на мистериозен начин беше убиен две години пред тоа во неговата канцеларија. Како секретар на Исламската заедница, Дервиши често беше цел на напади. Беше обвинет дека го нема потребното образование за вршење на таа функција. Често беше под сомнеж дека ја злоупотребува сопственоста и финансиите на муслиманите. По овие обвинувања секретарот на заедницата ја пријави дипломата пред комисијата за верификација на Исламската заедница. Иако претходно изјавуваше дека дипломирал економија, во времето за верификација пријави диплома од учителски отсек, за која тврдеше дека ја зел по завршувањето на студиите во 1993 година во Универзитетот „Александар Џувани“ во Елбасан.

Но, неколку дена потоа, ректорот на универзитетот во Елбасан, професор Јани Доде, во одговорот испратен до Исламската заедница потврди дека дипломата на Дервиши е фалсификувана. Челниците на Исламската заедница му дадоа 10 дена време на секретарот Дервиши да ја верифицира дипломата, во спротивно ќе му престане работниот однос. Но, по верификациите, бившиот ректор на универзитетот во Елбасан, професор доктор Мехмет Челику, негираше дека на дипломата на секретарот на муслиманите стои неговиот потпис. Исто така, бившиот декан на Учителскиот факултет на овој универзитет, професор Али Шашаи, рече дека потписот не е негов.

Двајцата бивши раководители на универзитетот во Елбасан укажаа на детали од нивните потписи што недостигаат во дипломата на Дервиши и потврдија дека таа е фалсификувана. Ова можело да се потврди многу лесно според начинот на кој е напишана дипломата. Во 1993 година дипломите на Универзитетот во Елбасан беа пишувани од еден сликар, кој беше вработен само поради тоа што ракописот му е добар. Експертите што ја верифицираа дипломата претставена од Дервиши потврдија дека во неа се воочуваат неколку ординарни грешки, што на виделина ги изнесуваат фактите за еден избрзан и нималку специјализиран фалсификат. Така, меѓу другото, под деканот на факултетот и претседателот на комисијата стојат само потписи. Експертите велат, а тоа е позната практика, дека треба да стојат и имињата на деканот и претседателот на комисијата, што во овој случај е тој од испитите. За неколку дена се реши се за прашањето на дипломата на секретарот на Исламската заедница. Неговата диплома беше фалсификувана. Неговите противници и тие што го обвинуваа победија. Тој, мирно, ја напушти канцеларијата на неговиот убиен претходник, си ги собра работите и отиде во Лушња. Сега е муфтија. Секој ден се занимава со верските служби. По се изгледа за тоа не му треба некоја албанска универзитетска диплома.

Еден суперфалсификатор

Мухарем Куше е доктор на науки од 1991 година. Во 2003, кога беше претседател на Апелацискиот суд во Тирана, неговото име беше споменато во случајот на една фалсификувана диплома. Тоа беше дипломата на неговата ќерка. Во оваа приказна тој се најде спроти еден супербаран шверцер.

Весел Серјанај беше уапсен од полицијата во ноември 2003 година. Педесетиедногодишник со прекар Маѓесникот, кој го исполнуваше сечиј сон за секаков документ, ја имаше подигнато својата „тврдина“ на улицата Михал Грамено во Тирана. Таму имаше сешто - печати, потписи на ректори, декани, шефови на канцеларии, оригинални документи обезбедени не се знае од кого и каде. Супер баран одамна, претерано претпазлив за да ги избегне потрагите, тој ја продолжуваше својата активност во потполна тајност.

За да пронајде клиенти на терен пуштил една група посредници. Само преку нив можел да се обезбеди документ од мајсторот Серјанај. Неговите посредници можеле да се најдат често кај блокот на амбасадите или во локалите што се познати како берза на визи и други фалсификувани документи.

По долга истрага полицијата успева да му влезе во трага. Еден месец по неговото апсење во една гаража на улица Баба Реџа антикриминалниот економски оддел откри едно богатство од фалсификувани документи. Полицијата ги уапси Клајди Цани и Скендер Приска, како соработници на суперфалсификаторот Алфред Танати, кој беше уапсен неколку месеци пред тоа. Полицијата правеше напори да уништи еден силен синџир на трафиканти, кои за неколку години успеаја да издигнат едно тајно царство во срцето на главниот град.

Во тоа време во истрагата беа опфатени печатници каде што се печателе материјалите, дури полицијата ги стави под сомнеж и почна истраги и за нејзини соработници во разни институции од каде што беа обезбедени документите, многу од кои беа оригинали.
Според полицијата, во моментот на апсењето на Цани и Приска, имало информации дека Весел Серјанај е нивен соработник. Но, доказите не беа доволни. Дури Серјанај успеал да ги скрие сите материјали на кои работел и ја прекина својата активност за да ја загуби трагата.

Мухарем Куше, раководител на Апелацискиот суд, подоцна дозна кој е Весел Серјанај, фалсификатор кои меѓу своите „богатства“ поседуваше и една фалсификувана диплома со името на неговата ќерка. Но, Мухарем Куше категорично одби каква било поврзаност со тој фалсификатор. Тој рече дека не го познава, но дека не може да го исклучи фактот оти фалсификаторот Серјанај го употребил името на судијата за негови цели. Дипломата со името на 22-годишната девојка имаше знаци на интервенција во фотографијата и носеше потписи и печат на Правниот факултет од Тирана. Таткото на девојката изјави дека оригиналната диплома на ќерка му се наоѓа кај него дома и дека никогаш не го познавал Серјанај. Убеден дека фалсификаторот не случајно го вклучил неговото име во оваа афера, и откако тој на крајот се најде во рацете на полицијата, му го остави овој случај на минатото. Откако Серјанај беше фатен од полицијата, претседателот на Апелацискиот суд, но и многумина од редовите на полицијата мислеа дека Весел Серјанај е последниот од големата мрежа на фалсификатори во Тирана. Но, неделите и месеците што следуваа го покажаа спротивното.

Полицајци со лажни дипломи

Во јануари годинава во Елбасан од должност беа разрешени еден офицер и двајца полицајци, а еден беше ставен под истрага. Од Окружното полициско началство во Елбасан се даде до знаење дека оваа мерка се презема поради тоа што овие лица поднеле фалсификувани документи со за да се вработат во државната полиција. Извори од Министерството за внатрешни работи ги даваат и имињата на овие екс-вработени. „Разрешени се од должноста едно униформирано лице од прв ранг, Николаќ Тафа, шеф на секторот за патен сообраќај за округот на Елбасан и две униформирани лица од основен ранг, Јетмир Рунај во Пеќин и Гзим Серби во Елбасан. Под истрага е и Башким Буфи, исто така униформирано лице од основен ранг од Пеќин“. Според истите извори, униформираните лица биле отпуштени од ова началство, откако нивните свидетелства и дипломи се покажале како фалсификувани за време на контролата спроведена од Канцеларијата за внатрешна контрола, Канцеларијата за кадри и Министерството за внатрешни.

За неколку дена иследниците успеаја да утврдат дека овие вработени употребиле фалсификувани свидетелства и дипломи за да се пробијат во редовите на полицијата. Дури, во еден случај фалсификуваната диплома е употребена за едно овластено службено лице да стане офицер. Од Окружното полициско началство во Елбасан изјавија дека целата документација на лицата вработени таму ќе помине низ контролниот филтер. Директорот на Окружното началство на полицијата од Елбасан, главниот комесар Арбен Јоца, вели дека „земајќи повод од овој преседан и од сомнежите дека во полицијата продолжуваат да работат лица без соодветно образование, во овој правец ќе вршиме истраги постојано“. Постојат сомнежи дека неколку униформирани лица од основен ранг во ова началство се без соодветно образование, а доста од нив веќе 15-20 години службуваат во полицијата.

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................