прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Косовска хиперпродукција на доктори и на магистри

Косово не е толку атрактивна земја за да се фалсификуваат дипломи, затоа што се уште нема конечен статус и дипломите од универзитетите на оваа земја не се валидни во Македонија, или во другите земји во регионот.

Во МВР и МОН откриле само две фалсификувани дипломи од 2000 до 2006 година.

Но бројот се чини дека е поголем зашто со дипломи од Приштинскиот универзитет најмногу се снабдиле функционери на политичките партии на Албанците во Македонија.

- Најмногу беа заинтересирани кандидатите за директори на средните и основните училишта. Тие најпрвин земаа дипломи од вишите школи во Пеќ и Митровица, а потоа доаѓаа во Приштина да земат и факултетски дипломи - вели професор од Универзитетот во Приштина, кој инсистираше на анонимност.

Според него, многу видни албански политичари од Македонија, кои во 1989 ги прекинаа студиите (кога Белград ги укина правата за школување на албански јазик), по 1999 година ги зедоа дипломите користејќи ги политичките врски во Приштина.

Тој вели дека најголем интерес од Албанците од Македонија има за магистерски и докторски звања, кои им се потребни да се вработат на двата универзитети во Тетово - ДУТ и Универзитетот на југоисточна Европа.

Плагијаторството цвета

Во косовското Министерство за образование немаат податоци за фалсификувани дипломи, но ги држат под лупа надлежните во Приштинскиот универзитет поради тоа што за една година таму магистрирале и докторирале околу 50 кандидати.

- Во оваа институција, од 1990 до 2006 година се произведени не помалку од 315 доктори на науки и 502 магистри.

Според официјални лица од Министерството, многумина од овие кадри ги подмитувале професорите за оценките, а докторските и магистерските дисертации им биле плагијат или плаќале други професори за да им ги изготват.

Новоизбраниот ректор, Енвер Хасани, на една јавна дебата во Приштина призна дека докторите и магистрите по 1999 година се најпроблематичните.

- Феноменот на плагијат е многу присутен во Универзитет на Приштина. Најлошо е на Правниот и на Економскиот факултет. Странците кои се во комисиите не можат ни да замислат дека во Приштинскиот универзитет звањата се земат на незаконски начин. Тие не ни знаат дека се инволвирани и локалните професори.

Фалсификуваните звања излегоа на виделина со случајот на магистратурата на Насер Адеми, кој истовремено работеше како декан на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет. По откриениот плагијат, Правниот факултет на УП почна да го разгледува случајот и жалбите веќе се пристигнати до Министерството за образование во Косово.

Магистри за 24 часа

Во 2000 година Адеми магистрирал на темата „Кривичното дело на неодговорно лекување на пациентот“, која подоцна, во вид на своја книга, ја објавил сега покојниот професор на Правиот факултет, Фадил Батали. Овие две изданија имаат 18 идентични страници.

Анонимен професор во УП, близок до покојниот Батали, вели дека Адеми препишувал од скриптите на Батали пред да ја издаде книгата.

- Покојниот професор му ги даде како на свој студент скриптите, а потоа тој, без никаква консултација, ги достави како свој труд во магистерската дисертација - додава тој.

Од друга страна, Насер Адеми вели дека тој не направил плагијат зошто книгата на Батали била издадена по две години откако тој магистрирал.

- Темата сум ја изработил пред него и јас сум прв автор, додава тој.
Додека Адеми продолжува да работи во ДУТ и да докторира во Тирана, Приштина продолжува да произведува дискутабилни доктори на науки и магистри. Од овој испревртен систем на вредности најмногу страдаат студентите од универзитетите на албански јазик, како во Косово така и во Македонија.

Во меѓувреме, еден извештај на Меѓународната кризна група, публикуван во февруари 2006 година, се фокусира на нискиот стандард на дипломираните во Приштина.

Според овој извештај, дипломираните во Приштина се неподготвени, без можност за вработување и не се спремни за да ги поддржуваат државните институции.

(Оваа истражувачка сторија на Џелал Незири, Кристи Петрова и на Адмирина Печи е поддржана од проектот SCOOP и од данското Здружение на истражувачки новинари)

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................