faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Окупација на териториите населени со Албанци

Окупација на Албанија од страна на Италија

Во април 1939 година Италија ја окупирала Албанија. Окупацијата била резултат на ултиматумтот со кој на Албанија u се наметнувала унија со Италија, зад која се криела намера за присоединување на Албанија кон Италија. Кралот Зогу го отфрлил ултиматумот, што му дало повод на Мусолини да ја нападне Албанија. На 7 април 1939 година, близу 40.000 италијански војници се истовариле во главните пристаништа на Албанија: Драч, Валона, Саранда и Шенгин. Отпорот на неподготвената и слабо вооружена албанската војска брзо бил совладан и следниот ден фашистичката војска вмарширала во Тирана. Во меѓувреме, кралот Зогу ја напуштил земјата.

На 16 април било свикано импровизирано „уставотворно собрание“ кое ја укинало албанската кралска династија и уставот, објавувајќи го „обединувањето“ на Албанија со Италија под круната на италијанскиот император Емануел III. Истиот ден била формирана и квислиншка албанска влада на чело со Шефкет Верлаци. Иако на овој начин Албанија ја изгубила својата национална независност, таа сепак била третирана како автономна уставна монархија во рамките на фашистичка Италија.

Фашистичката окупација на околните територии населени со Албанци

По капитулацијата на кралствата Југославија и Грција во април 1941 година, фашистичките сили започнале да ги распарчуваат окупираните земји. На Виенската конференција во април истата година, на средбата Кано-Рибентроп на окупираната Албанија, од југословенските територии u биле доделени делови од денешна Западна Македонија и делови од Косово. Освен овие територии Албанија го „добила“ и северниот дел на Епир во Грција, каде исто така живеело бројно албанско население. Така територијата на Албанија речиси двојно се зголемила. Италијанските фашисти и нивните локални соработници ја искористиле оваа ситуација да го претстават ова територијално проширување како исполнување на вековните стремежи на Албанците за национално обединување во рамки на своите етнички граници.

Организацијата на власта на косовските и македонските делови од етничка Албанија му била доверена на Високиот цивилен комесаријат за Косово, Дебар и Струга на чие чело стоел Фејзи Ализоти во својство на министер на квислиншката албанска влада. Подоцна, овој цивилен комесаријат бил заменет со т.н. Министерство за ослободените краеви, кое функционирало сe до февруари 1943 година.

На ослободените територии биле формирани 4 префектури: Призрен, Пеќ, Дебар и Приштина. На највисоките функции во префектурите биле поставувани лица од редовите на квислинзите, а за нивниот избор се грижела владата во Тирана. Исто така, на овие територии биле стационирани и бројни воено-полициски италијански сили.

Надвор од италијанската окупациона зона останало албанско население што живеело на териториите на Косово и Македонија, кои потпаднале под бугарска окупација. Тука спаѓала околината на Урошевац и следните градови со нивните околини населени и со Албанци: Качаник, Витина, Гњилане, Прешево, Бујановац, Скопје и Куманово.

Во бугарската окупациона зона, животот на Албанците бил многу по различен отколку во италијанската. Бугарската фашистичка власт го вовела бугарскиот како службен јазик и целата администрација била бугарска. Учениците морале да учат во училишта на бугарски јазик, што било дел од политиката на бугаризација на населението. Бугарскиот режим спроведувал репресивни мерки врз окупираното население, потпомогнат од силниот полициски и административен апарат, кој немал поддршка од локалното население.

Придобивките од италијанската окупација на териториите вон Албанија

Иако обединувањето било извршено под фашистичка капа, сепак за албанското население во Косово и Западна Македонија имало големо историско значење. Албанскиот јазик бил прогласен за службен јазик заедно со италијанскиот. За прв пат биле отворени основни и средни училишта на албански јазик, била официализирана употребата на националните симболи и било дозволено политичко организирање на национална основа. Локалната администрација била во рацете на Албанците, кои ги сочинувале и локалните полициските сили.

Ваквата автономија Албанците ја уживале за сето време на италијанската власт и продолжиле да ја уживаат и по капитулацијата на Италија во септември 1943 година и преземањето на власта во Албанија од страна на Германија.

Реакциите на фашистичката окупација

И покрај тоа што фашистичката власт им донела национални и територијални придобивки на Албанците, таа сепак била доживувана како окупаторска. Првите реакции на незадоволство биле манифестирани непосредно по извршената анексија. Така, во текот на 1939 и 1940 година во сите поголеми градови во Албанија биле организирани народни демонстрации и извршени саботажи против подготовките на Италија за војна. Посебно силен израз на незадоволството претставува обидот за атентат врз италијанскиот крал Емануел III за време на неговата посета на Тирана во мај 1941 година. Сепак, орг��низираниот вооружен отпор против фашистичката власт во Албанија започнал пролетта 1942 година со формирањето на првите партизански чети предводени од Комунистичката партија на Албанија.

Незадоволство против фашистичката окупација манифестирале и Албанците во Западна Македонија и Косово. Така на пример, во 1941 година, во поголемите градови на Косово, прославата на Денот на албанското знаме била искористена за антифашистички демонстрации. И на овие територии организираниот вооружен отпор во кој учествувале и Албанците бил предводен од комунистите (Комунистичката партија на Југославија).

БОРБАТА ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА АЛБАНИЈА

Формирање на Комунистичката партија на Албанија (КПА) и Движењето за национално ослободување (ДНО)

Главна улога во организирање на вооружениот отпор во Албанија имала Комунистичката партија на Албанија (КПА). По неколку неуспешни обиди таа конечно била формирана на 8 ноември 1941 година со помош на инструктори од КПЈ. За партиски секретар бил избран Енвер Хоџа, а бил конституиран и Централен комитет кој броел 11 члена.

Идеите на комунизмот за социјална правда и бескласно општество што ги пропагирала КПА биле најприфатливи за сиромашните Албанци и определени интелектуални кругови. Токму затоа, членството на КПА го сочинувале главно сиромашните селани од југот на земјата и незадоволните интелектуалци од градовите.

КПА пред јавноста излегла со декларација во која била претставена нејзината програма, во чија основа било организирање на вооружена национална и антифашистичка ослободителна борба. Целта на таа борба била враќање на националната независност на Албанија и воспоставување демократски народен режим по ослободувањето. Првите вооружени акции на комунистите започнале пролетта 1942 година и во текот на неколку месеци во сите поголеми градови на Албанија имало судири со италијанските војски.

Во септември 1942 година албанските комунисти го формирале Народноослободителниот фронт или Движење за национално ослободување (ДНО). Иако во ова движење доминирале комунистите, во него пристапиле и луѓе со поинакви политички определби. За само неколку месеци вооружената борба на партизанските единици кои биле речиси под целосна контрола на Движењето за национално ослободување, се проширила низ целата земја. 

Формирање на Бали Комбетар

Успесите што ги постигнало Движењето за национално ослободување и посебно КПА, ги загрижиле националистичките кругови во Албанија кои уште се држеле по страна. Во ноември 1942 година, група поединци од овие кругови, главно интелектуалци и антимонархисти, во Тирана ја  формирале тајната организација Бали Комбетар (Национален фронт). На чело на оваа организација со националистички и анти-комунистички предзнак биле Митхат Фрашери и Али Клисура.

Членството и приврзаниците на Бали Комбетар доаѓале од редовите на крупните земјопоседници и поимотните селани. Тие се залагале за спроведување економски и социјални реформи во земјата и воспоставување на  општествено уредување по модел на западно Европските земји. Основната цел на организацијата била да се формира независна Албанија во рамки на нејзините етничките граници, што би опфатиле територија поширока од онаа која била дефинирана во 1941 година. Иако нејзината прокламирана цел била анти-окупаторска, организацијата се воздржувала од директни судири со фашистичката војска. 

Документи:
Од записникот на Бали Комбетар
Организацијата Бали Комбетар го определила својот пат уште  во нејзините зачетоци на 7 април 1939 кога околу неа се собрани партиоти и чесни луѓе. Ќе повториме уште еднаш за што се бориме и зошто се бориме:
1. Се бориме за црвено црното знаме и правата на Албанците
2. Се бориме за слободана Албанија, етничка и демократаска заснована врз современи општествени вредности
3. Се бориме за Албанија во која вледее слобода на зборот и милслата
4. Се бориме за економски средена Албанија
5. Се бориме за Албанија која немилосрдно ќе ги казни предавниците, антипатриотите, продадените, оние кои шпекулират
Албанија на Албанците
Слобода или смрт

Судирот меѓу КПА и Бали Комбетар

Успесите на сојузничките сили во Европа и падот на Мусолини во Италија влијаеле на обидите за приближувањето помеѓу Бали Комбетар и КПА, со цел заеднички да им се спротивстават на италијанскиот окупатор. Главни иницијатори за формирање на сојуз меѓу овие две орга��изации биле воените мисии на сојузниците во Албанија. На 2 август 1943 година водачите на Бали Комбетар и на Движењето за национално ослободување се сретнале во селото Муке каде бил формиран Комитет за спас на Албанија кој по ослободувањето требало да ја формира новата влада во земјата.

Обидите за приближување на двете страни на состанокот во Муке не се покажале успешни. Иако сите присутни делегати во Муке се согласиле дека Албанија по војната треба да ги задржи своите етнички граници, а народот дополнително да реши какво ќе биде државното уредување на земјата, Движењето за национално ослободување, под влијание на КПЈ, не го прифатило постигнатиот договор, со што јазот помеѓу двете страни уште повеќе се продлабочил, прераснувајќи во отворен судир. Освен што се борела против фашистите, КПА отворила фронт против Бали Комбетар; кој што ги насочил своите активности во борбата против комунистичките  сили, применувајќи политиката на исчекување во однос на фашитичките власти.

Освен идеолошкиот судир, помеѓу овие две организации набргу дошло до отворени вооружени судири. По капитулацијата, новата италијанска влада донела одлука оружјето на италијанските војски во Албанија целосно да им се предаде на партизаните. На ова се спротивставила Бали Комбетар и во околината на Ѓирокастро дошло до борба помеѓу партизаните и Италијаните од една страна и една чета на Бали Комбетар од Валона од друга страна, при што сите 33 борци на четата биле убиени.

Замена на италијанската окупација со германска

По капитулацијата на Италија во септември 1943 година, Албанија била окупирана од германските војски. Германските сили ги контролирале големите градови, крајбрежјето и главните патни комуникации, додека силите на отпорот се повлекле во планините. Берлин објавил дека ќе ја признае независноста на неутрална Албанија и организирал албанска влада и полиција. Германските власти мошне малку се мешале во управувањето на албанската власт. Меѓутоа, и тие премолчено давале поддршка на присоединувањето на Косово кон Албанија. Исто така, членови на Бали Комбетар како и други националисти започнале да соработуваат со Германските власти, а неколку челници на оваа организација се здобиле со високи позиции во новиот режим.

Од друга страна, Движењето за национално ослободување ја продолжило својата борба и против германскиот окупатор. Тоа уште повеќе ги привлекло симпатиите на народните маси и овозможило да се формираат поголеми воени формации (бригади) и да се организира работата на Национално-ослободителните совети.

Неуспехот на собирот во Муке и германската окупација резултирале и со формирање на нови политички организации кон крајот на 1943 година како што била организацијата „Легалитети“, која се залагала за враќање на кралот Зогу во Албанија.

Ослободувањето на Албанија

Во почетокот на 1944 година национално ослободителната војска станувала сe побројна, остварувајќи сe поголеми успеси на територијата на целата земја. Овие успеси го поттикнале Движењето за национално ослободување да свика конгрес во Пермет на кој присуствувале околу 200 делегати со различни политички определби. Следејќи го југословенскиот пример делегатите основале Национално Ослободителен Антифашистички Совет (НОАС) како највисок законодавен и извршен орган на народниот суверенитет. Истовремено, Конгресот му забранил на кралот Зогу да се врати во земјата и донел одлука да не признава никаква влада формирана во странство.

Последната етапа од борбата за ослободување на Албанија започнала во септември 1944 година. Германските сили и нивните соработници успеале да задржат само мал број градови и неколку изолирани области. Во периодот септември-октомври биле ослободени сите поголеми градови во јужна Албанија, Берат, Корча, Ѓирокастро, а постојано била напаѓана и Тирана.  За време на овие воени успеси, на 20 октомври 1944 година во ослободениот Берат бил одржан и вториот конгрес на Националниот Ослободителен Антифашистички Совет каде била избрана и првата Демократска влада на Албанија на чело со генерал-полковник Енвер Хоџа. На собирот едногласно била усвоена и „Декларација за правата на граѓаните“.

Веднаш по собирот во Берат започнале завршните акции за конечно ослободување на Албанија. Кон крајот на ноември, по тешки борби, кои траеле скоро цел месец, била ослободена Тирана. Ден-два подоцна бил ослободен и Скадар, со што е означено конечното ослободување на Албанија. Албанските партизани сметајќи се како дел од големата антифашистичка коалиција ги продолжиле борбите против Хитлеровата војска и надвор од границите на Албанија, на територијата на сојузничка Југославија.

По земањето на власта во свои раце, комунистичките водачи на чело со Енвер Хоџа веднаш започнале акција на елиминација на своите политички и идеолошки непријатели. Ривалските водачи и членовите на бившите влади кои можеле на каков било начин да ја загрозат позицијата на комунистите, на монтирани судски процеси биле осудени како воени криминалци.

Национално ослободителната војна во Албанија е еден од најзначајните настани од историјата на албанскиот народ. Таа била ослободителна војна со национален, демократски и народен карактер, која u ја вратила на Албанија националната независност и ја ставила во редот на големата антифашистичка коалиција.

БОРБАТА НА АЛБАНЦИТЕ ВОН АЛБАНИЈА

Учеството во антифашистичкиот отпор

Во партизанските одреди формирани на Косово од страна на КПЈ активно учествувале и голем број Албанци. Така партизанскиот одред „Зејнел Ајдини“ извршил низа герилски акции, а една од најголемите се случила на 3 јануари 1943 година, кога била нападната италијанската воена колона на патот Призрен–Урошевац. Друг албански партизански одред на Косово бил „Емин Дураку“, на чело со Фадил Хоџа, кој исто така извршил повеќе значајни акции.

И покрај тоа што овие партизански одреди постигнале извесни успеси, тие биле со ограничен обем бидејќи нивното делување се одвивало под многу тешки околности, пред сe поради силната внатрешна реакција и антикомунистичкиот отпор. Со оглед на постоечкото антијугословенско расположение, дел од албанското население одбивал да се вклучи во движењето на отпорот, што причинувало посебен проблем за делувањето на партизаните.

Еден дел од Албанците во Западна Македонија се приклучил кон вооружениот отпор предводен од КПЈ, а подоцна од КПМ. Првата партизанска чета составена само од Албанци била формирана кон средината на јули 1943 година. Таа развила силна агитација среде албанското население што придонело за приливот на нови албански борци. Овој број уште повеќе се зголемил по капитулацијата на Италија, кога цели албански карабинериски чети, кои порано дејствувале во рамките на италијанскиот окупациски систем, преминале на страната на отпорот. Некои од нивните борци станале и истакнати команданти на големи воени единици како што е случајот со Хамди Дема и Тома Џелај. Особен углед и популарност среде албанското население уживал командантот на дебарскиот партизански одред, Хаџи Леши,  познат уште и како капетан Леши.

Со разгорување на антифашистичкиот отпор во Македонија биле формирани и неколку албански бригади. Така албанските одреди од Дебар и Кичево биле познати како 4-та албанска бригада на чело со Неџат Аголи и Џафер Кодра. Подоцна оваа бригада се преименувала во 7-ма албанска ударна бригада со околу 2500 борци кои учествувале во ослободувањето на Струга, Кичево, Гостивар и Тетово.

Албанците од Македонија дале голем придонес не само во ослободувањето на Македонија туку и во завршните операции при ослободувањето на Југославија. Познати Албанци, народни херои од Македонија, кои загинале за време на антифашистичката борба, се Бајрам Шабани, роден во Липково,  Ибе Паликуќа и Лиман Каба по потекло од Дебар.

Стремежите за национално обединување

Учеството на Албанците во организираниот вооружен отпор било мотивирано од ставовите на КПЈ дека Албанците на Косово по завршувањето на војната самостојно ќе одлучуваат за својот статус. Овој став КПЈ го зазела уште на конгресот во Дрезден, во 1928 година, а го потврдила на конгресот во Загреб 1940 г., непосредно пред започнување на војната. Албанците верувале дека по завршувањето на војната ќе можат сами да одлучуваат за својата иднина. Поради тоа, кога КПЈ започнала да формира партизански одреди на Косово, кон нив се приклучил и еден дел од Албанците.

Дел од Албанците на Косово и во Западна Македонија се приклониле кон националистичката организација „Втора Призренска Лига“ формирана веднаш по капитулацијата на Италија, со цел да се бори за обединување на сите територии каде што живееле Албанци. Во име на оваа организација делувале повеќе чети, кои влегувале во директни борбени судири со партизаните.

Позицијата на Албанците на крајот од војната

Со проширување на Народно ослободителното движење на Косово во почетокот на 1944 година во селото Бујане била одржана конференција на која бил формиран Народноослободителен Одбор за Косово. На конференцијата учествувале 43 албански делегати и 6 Срби и Црногорци. За претседател бил избран Мехмет Хоџа, а за нејзини членови, Фадил Хоџа, Џавид Нимани и др. Најважниот документ што бил донесен на оваа историска конференција била Резолуцијата, во која, меѓу останатото, било укажано и на тоа дека на сите народи на Југославија вклучувајќи ги и Албанците, ќе им биде дадено правото на самоопределување до отцепување, а за спроведување на тоа право ќе гарантираат Народноослободителната војска на Југославија и сојузниците. 

Со оглед на тоа што нуделе можност за исполнување на дамнешните стремежи за национално и територијално обединување на албанскиот народ, одлуките од Бујанската конференција биле дочекани со големо одобрување од страна на албанското население на Косово. Меѓутоа, одлуките од Бујанската конференција не биле остварени бидејќи на првиот редовен конгрес на Народноослободителниот одбор одржан во јули 1945 во Призрен, со акламација, но под притисок на КПЈ, била донесена Резолуција за приклучување на Косово кон федерална Србија.

Од Албанците кои учествувале во народноослободителното движење во Македонија се очекувало да земат учество и во политичкото конституирање на македонската држава. Меѓутоа, на првото заседание на АСНОМ (2.08.1944), што се третира како почеток на македонската државност, од седумте предвидени албански делегати, учествувале само двајца. На тоа заседание се донесени актите за конституирање на македонската држава, според кои Македонија се прогласува за држава на Македонците, а Албанците добиле статус на национално малцинство. Со овие одлуки се нарушиле основните принципи за рамноправност под кои се водела народноослободителната војна, што предизвикало губење на довербата кај албанското население во органите на новата македонска власт. Познати се случаите на истакнати Албанци, кои во текот на војната биле водачи на партизански единици, а кои по војната биле ликвидирани заради отвореното несогласување со одлуките на новата македонска власт.

Како резултат на непријателството и директните судири меѓу партизанските единици и четите кои делувале во име на „Втората Призренска лига“ во текот на војната, новата власт започнала со репресалии врз албанското население. Под изговор дека соработувале со фашистичката власт, настрадало бројно цивилно население во околината на Скопје, Тетово и Кичево.

Незадоволството предизвикано кај албанското население го искористиле националистички настроените албански групации, кои ја продолжиле анти-комунистичката борба на територијата на Македонија и по завршувањето на војната. Во април 1945 година, во Македонија било формирана Национално-демократската организација на Албанците, која делувала сe до 1947 година, кога нејзините водачи биле осудени на смрт и стрелани.