прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Уземчани пијат сомнителна вода, а немаат пари да се приклучат на новиот водовод

Нефункционирањето на новиот водовод бил причина донаторите усно да и се заканат на Општината Крива Паланка дека нема веќе да ги вклучуваат во проекти.
Можноста дека водата е загадена од рудникот Тораница била и причината на овие луѓе да им се изгради водовод, но тие поради немањето приходи се откажале од него

Жаклина Ѓорѓевиќ 

Поранешниот рудар во рудникот „Тораница“, Драги Китановски петнаесет години живее во шумите во близина на јаловиштето Ва��ошани, каде со години се трупале отпадните води на олово-цинкова руда од рудникот. Тој со години пие вода од стар водовод низ кој тече вода со сомнителен квалитет, иако тврди дека таа редовно се испитува. Како и другите негови соселани од селото Узем и тој нема пари да се приклучи на новиот водовод низ кој тече чиста вода од изворите над јаловиштето. Можноста дека планинската вода е загадена од отпадните води на Тораница била и причината на овие луѓе да им се изгради нов водовод за да ги задоволни нивните потреби, но тие поради немањето приходи се откажале од идејата да се приклучат на новиот систем. Поисплатливо им е да ја пијат водата која им доаѓа преку селските бунари и планинските извори, за која надлежните предупредуваат дека е загадена од јаловиштето.

Нефункционирањето на новиот водовод кој бил изграден пред неполна година бил причина донаторите усно да им се заканат на надлежните во Општината Крива Паланка дека нема веќе да ги вклучуваат во нивните наредни проекти. Тие биле предупредени дека ќе влезат во црната листа на општини која ја подготвуваат донаторите, а за која се повеќе се зборува во јавноста. Упатените коментираат дека ваквиот потег на донаторите станува се поочигледен со нивното однесување кон оние општини кои досега не се покажале со успешно менаџирање на проекти. Затоа, тие се повеќе ги пренаменуваат парите од помалку кон поуспешните општини.

Од вкупно 300 луѓе во Узем, донаторите добиле информација дека само девет семејства се приклучиле на новиот систем. Системот кој чини над 100.000 евра, а ги опфаќа селата Узем и Жидилово е граден со средства на Македонскиот центар за меѓународна соработка и средства предвидени со германската СИП 3 програма. Проектот опфаќа зафат од изворите и главна мрежа која оди до селото Жидилово. Откако е изграден водоводот во декември 2005 година, тој не профункционирал целосно бидејќи луѓето немаат пари да се приклучат. За приклучок им се бараат 10 илјади денари.
Китановски е еден од нив. „Многу ми е скапо да се приклучиме на водоводот. Без работа сум 12 години и ги немам тие услови да се приклучам, иако имам интерес за тоа. Засега приклучен сум на стар водовод и вода пијам од него“ вели тој. Иако тврди дека водата редовно ја испитува, укажува на опасностите кои ги носи јаловиштето Варошани кое се наоѓа веднаш над селото. „Рудникот Тораница одамна не работи, но јаловиштето Варошани, каде се собираат отпадни води од рудникот ни ги загадува земјоделските работи долу кај селото. Кога има невреме, се крева голема прашина, и тие хемикалии се лепат на овошките и зеленчукот кој го одгледуваме. Сега долу не можеме да береме ниту сливи, круши или јаболка бидејќи дрвцата се оштетени“ раскажува Китановски.

Јаловиштето Варошани сега е пусто, како и второто јаловиште кое се наоѓа веднаш под него. Но се уште изгледа страотно. Неговата сино-сива боја од натрупаните слоеви на олово и цинк ги зафатила и дрвјата кои се во неговата околина. Жителите велат дека е како жив песок и избегнуваат да се движат во негова близина. Тие се плашат дека браната која ги сопира трупаните слоеви од јаловиштето е несигурна бидејќи е правена од истиот материјал како и јаловиштето и затоа во секој момент би можела да се сруши. Нивниот страв го зголемува самата помисла дека рудникот повторно ќе проработи зошто постои опасност јаловиштето да потеше и да го збрише селото Узем.

Сите 90-тина куќи од Узем досега поднеле барање да се приклучат на новиот систем, но откако слушнале дека за приклучок им се потребни 10 илјади денари се откажале. Некој ги предупредил дека општинските власти ги лажат и дека реалната цена за приклучок е околу 3.000 денари. Прифатиле само оние поимуќните чии деца работат во странство. „Решивме да се приклучиме, децата работат во странство и ми платија за приклучок. Иако, ја користиме и водата од извори,  од селски чешми, како и од бунари. Досега не сме почувствувале дека водата се загадува од јаловиштето. Редовно ја тестираме водата“ вели Благоја Стоилковски од Узем. Неговиот соселанец, Звонко Стојковски вели: „Од општината не излажаа дека ќе не приклучат бесплатно. Бараат 10.500 денари за приклучок. Но, народот нема пари, ние живееме во мизерен крај“ вели тој. Истите маки ги има неговиот соселанец, Драги Цветановски од соседното село Жидилово кое, исто, треба да се приклучи на водоводот. Тој вели дека луѓето имале повеќе пари кога работеле како рудари во Тораница, а по замирање на рудникот едвај врзуваат крај со крај. „Имам вода од селски водовод кој е граден пред дваесетина години. Сега ни бараат 10 илјади за приклучок. Сакаат да ни земат пари, да не излажат. Ние сме селско место немаме толкави приходи“ раскажува Цветановски.

Зоран Павловски, раководител на одделение за изградба и одржување на комунална инфраструктура во општината Крива Паланка вели дека до пред месец и половина тие не биле рангирани во црната листа на општини. А проблемот настанал со третиот проект кој преку СИП програмата го реализира општината-водоснабдувањето на Узем и Жидилово. „Основен повод странците да се нафатат за проектот беше самото јаловиште кое ги загадило изворите со прашината. Сите анализи покажуваа дека во изворите имаше одредени количини олово и цинк. Затоа донаторите се нафатија да изградат водовод кој ќе црпи вода од извори  над јаловиштето“ истакнува Павловски.

Тој потврдува дека донаторите имаат право да се лутат бидејќи и покрај предупредувањата се уште не се исполнети обврските на општината или ЈП Комуналец кои требале да ја изградат секудардната мрежа во износ од 20 илјади евра и приклучоците кои се обврска на жителите. „Секундарната мрежа требаше да биде завршена до јуни, но се уште се гради. Околу 1.000 метри се изградени, а над 3.000 не се изградени. До тој период околу 60 домаќинства требаше да бидат приклучени бидејќи за приклучок за водоводна мрежа секое домаќинство треба да плати приклучна такса. Но, тие не сакаат да платат и затоа доцниме со проектот“ вели Павловски. Тој вели дека за цената од 10.500 денари се договориле како единствена цена за сите иако реално секој би требало да плаќа според оддалеченоста од главната цевка.

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................