прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

На Тетовскиот универзитет дипломирале и без средно!

Нуман Салаи, од секторот за информирање при Министерството за образование и наука, вели дека за секоја странска диплома МОН бара дополнително верификување од соодветниот универзитет. Во повеќето случаи, вели тој, одговорот од универзитетот стигнува во рамките на одредениот рок од 30 дена. Ако одговорот е позитивен, МОН ја нострификува дипломата, ако е негативен, ја доставува до МВР.

- Има многу случаи кога од соодветните странски универзитети немаме никаков одговор или не доставуваат конкретен одговор за веродостојноста на дипломата. Ова отвора сомнеж дека нешто не е во ред со „дипломираниот“ што ја доставил дипломата за нострификација. Ретко доаѓаат и негативни одговори, при што МОН, во согласност со законите, предметот го доставува до полицијата - изјави Салаи.

Од МВР информираат дека во врска со откриени случаи на фалсификувани дипломи за завршен степен на образование, во периодот од 2000 до 2006 година, поднесени се вкупно 201 кривична пријава против 235 сторители на кривично дело фалсификување исправа.

- Во повеќето случаи се работи за фалсификувани дипломи од високо и од средно образование во Република Македонија и во соседните земји, Албанија, Косово и Бугарија. Овие фалсификувани дипломи пријавените ги приложиле заради добивање повисоко работно место - вели Горан Павловски, портпарол на МВР.

Притоа, во 2002 година, во врска со фалсификувани дипломи, поднесени се 47 кривични пријави за 76 сторители на кривично дело „фалсификување исправа“, при што во поголем дел се работи за завршено високо образование.

Според него, во 2003 година се поднесени 97 кривични пријави за 100 сторители за фалсификувани дипломи, кои пријавените ги употребиле при вработување во државни институции.

- Во 2004 година се поднесени 27 кривични пријави за 27 сторители, при што, освен дипломи за завршено високо образование, се работи и за фалсификувани документи за средно образование - вели Павловски и додаде дека во 2006 година, досега, се поднесени три кривични пријави за тројца сторители што користеле фалсификувани дипломи за завршено средно, вишо и високо образование.

Павловски информира дека во текот на 2000 и на 2001 година не се откриени случаи на фалсификувани дипломи за завршено средно или високо образование.

Софистицирано фалсификување

Освен луѓето од политичкиот живот, без законски последици со лажна диплома се стекнуваат и студенти со подлабок џеб. Во овој случај, студентите ги подмитуваат професорите за секоја оценка, но на индиректен начин. Овој метод е застапен најмногу на Филолошкиот и на Педагошкиот факултет во Скопје, сметаат упатените.

- Имаме случаи на студенти што по брза постапка ги земат оценките и дипломираат за од една до шест години. Најмногу дипломи им требаат на партиски функционери за да заземат некое директорско место. За нив се ургира политички - вели анонимен професор од Педагошки. Добро упатените велат дека професорите ниту бараат ниту земаат мито на директен начин. За да „купи“ оценка, студентот треба да се договара со посредник, кој претежно е студент близок до одреден професор. Целата процедура до дипломата трае 4 години и треба да се потрошат околу 20 илјади евра, но дипломата се основа на индекс и досие и тешко може да се оспори.

- Сите ги знаеме тројцата студенти што имаат врски со сите професори. Тие прашуваат дали некој е заинтересиран да ја зема оценката без учење, но за услугата треба да се плати од 300 до 500 евра. Од ова сума по 100 евра остануваат кај студентот, а другите одат кај професорот. Едниот од тие посредници од лани дипломирал, но се уште се врти меѓу студентите за да најде клиенти, бидејќи му е поисплатлива работа - вели студентот Артан М. од Филолошкиот факултет во Скопје.

Зекирија Незири, професор на истиот факултет, не е информиран за таквите манипулации и подмитувања на професорите.

- Ние немаме сознанија како одредени лица доаѓаат до дипломи без да студираат или се запишуваат на универзитети. Како институција ги верификуваме само оние дипломи од странските земји со кои Република Македонија нема потпишано некаков договор за соработка во оваа област, како што е Косово или некоја друга земја. Ние даваме мислење дали кандидатот ги исполнува критериумите за да се стекне со диплома или звање. За се друго, па и за нострификација, е надлежно МОН - вели Незири.

Спорни дипломи од Тетовскиот универзитет

Бивш професор од Државниот тетовски универзитет, кој бараше да остане анонимен, рече дека во периодот од 1994 до 2003 година, кога ДУТ се уште не беше легализиран, без никаква процедура, тогашното раководство на универзитетот издавал 350 дипломи за завршено високо образование од различни факултети и струки.

- Има и траги-комични ситуации кога неколку лица добиле универзитетска диплома без завршено средно образование. Од овие „академци“, некои не застанале на овој степен на нивното „школување“ туку токму во ДУТ, по „брза постапка“, стигнале и до звањето доктор на науки и магистри. Неколку од нив сега работат и како професор�� или асистенти - вели професорот.

Според него, по легализирањето на ДУТ, во 2005 година, Комисијата составени од професори на универзитетот и претставници на МОН открила низа недоследности и злоупотреби. Комисијата, која ги верификуваше знаењата на дипломираните студенти, откри дека голем број доделени дипломи се фалсификат.

- Со фалсификувани дипломи од овој универзитет главно се стекнале лица од Косово и од Албанија. Од Македонија ги има само тие политичари на кои им беше неопходна диплома за да земат директорско место во државни институции или да напредуваат во својата партија. Во ова афера се вмешани декани, професори, административни работници и студенти - вели бившиот професор на ДУТ.

Тој додава дека документите биле издавани врз основа на фалсификувани индекси, а за добивање диплома се плаќале големи суми.

Во тетовската полиција велат дека се запознаени со случајот и уште тогаш покренале истрага, која и по една година нема резултати. Во Ректоратот на ДУТ не сакаат да зборуваат на оваа тема, а информацијата ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат. Велат дека Комисијата се уште работи на дипломите издадени пред 2004 година, кога и беше легализиран универзитетот.

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................