прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Во половина земја се продаваат калашникови

Пиштоли за по 180 евра, калашникови за 500 евра, бомби за 15 до 20 евра се најниските цени по кои на црниот пазар се продава оружјето кое не се предаде со разоружувањето во 2001 и 2003 година, а за кое државата и странците потрошија близу милион евра.

Сунчица Стојановска

Оружје се продава во речиси сите села во поранешните кризни региони во Скопско, Тетовско, Кумановско и во Гостиварско. Дилерите се фалат дека бизнисот добро им оди.

- Калашниковите се од 500 до 800 евра. Најевтини се од Кина и од Албанија. Најскапи се српските. Нив најмногу ги бараат - вели дилер од Липково.

Бомбите-кашикари тој ги продава од 15 до 20 евра. Пиштолите чинат од 180 до 350 евра. Најскап е познатиот „ТТ“. За него на црно се плаќаат и по 400 евра. Куршумите чинат половина евро. Во лето, кога е сезона на свадби, нивната цена двојно се зголемува.

На теренот се покажува дека оружје има и во Струга и во Дебар, иако помалку. Пиштоли и воздушни пушки има кај населението во Прилеп, Штип, Гевгелија, Струмица. Дилерите го покажуваат оружјето што го продаваат, но се сликаат само со маска на лицето.

- Најмногу се тргува со оружје од 2001 година. Но, пак се шверцува. Има отворена шверцерска линија од Косово, преку илегални премини од Прешево и Витина од косовска страна, преку Лојане, Радуша, Брест и Танушевци во Македонија. Овчарите на Шар Планина имаат барем по еден калашников - велат упатените.

Селаните раскажуваат дека на Шара и покрај Куманово оружјето се внесува на магариња. Криминалците од пограничните села во Косово го товарат магарето и го пуштаат. Тоа знае да си го најде патот до дома, во селата на македонската страна на границата.

- Менувањето магариња меѓу селата е само еден начин на кој се шверцува оружјето - вели Андон Давчев, потпретседател на Националната асоцијација за оружје.

Домашните невладини организации и УНДП имаат слична процена: во Македонија околу 330.000 луѓе поседуваат различни видови оружје. Половина од тој арсенал е нелегален. За полицијата, оваа бројка е помала и се движи од 50.000 до 100.000 граѓани, а на таа бројка најмалку едно парче црно оружје се чува под перница.

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................