faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Во Шипковица пиштолите ги продаваат за леб

Секаков арсенал оружје остана во селото по 2001 година, сведочат жителите на Шипковица, пет години по конфликтот што го прослави ова тетовско село како главно упориште на поранешната ОНА.

Сунчица Стојановска

- Тука е полошо и од Тексас. Сите имаат оружје. Приказни се кажувањата дека го предале во акциите за разоружување. Сите знаеме дека при разоружувањето беа собрани речиси неупотребливи парчиња. Секој има барем по еден пиштол - вели жител на Шипковица (25), високообразован.
Постарите жители оружјето останато од војната го продаваат за пари. Тие се жалат дека се сиромашни и заборавени од политичарите кои Шипковица ја спомнуваат само кога праќаат политички пораки.

- Нема работа, пензиите се мизерни. Живееме во беда, од 2.000 денари социјална помош. Се што остана од оружје се продава за леб. Го продаваме на тие што ни нудат пари, не прашуваме кои се, од каде се и зошто им треба оружје - вели средовечен маж од Шипковица, седнат во селската чајџилница.

Најмногу оружјето има рацете на младите од 18 до 25 години. Некои го носат од чалам, други за самоодбрана.

- По војната, се заљубив во пиштоли. Имам пиштол ТТ. Го носам на веселби или кога работам на нива подалеку од селото. Татко ми знае дека пиштолот е без дозвола. Не ми забранува да го чувам. Немам проблеми со полицијата оти не носам пиштол кога одам во град - вели жител на Шипковица, кој штотуку станал полнолетен.

Додека ги убедуваме селаните да дозволат да го фотографираме оружјето, нашиот водич раскажува дека Албанците се чувствуваат незаштитени и по Охридскиот договор со кој добија поголеми права.

- Дојде такво време што секој може да ти пука в глава, за обична кавга. И деца се шетаат со оружје. Сите имаме пиштоли, ни служат за самоодбрана. За нив не се поседуваат дозволи - вели водичот.
Статистичките податоци на полицијата се дека минатата година беа откриени 395 лица што нелегално изработувале, чувале или тргувале со оружје. Уште 63 лица се осомничени за истото дело во првите три месеци од 2006 година.

 

Џабир Дерала, НВО „Цивил“
Страшно е колку лесно се посегнува по оружје
Голем е проблемот со нелегалното оружје во рацете на граѓаните, но уште поголем проблем е подготвеноста тоа оружје да се употреби од најбанални причини, вели Џабир Дерала, претседател на НВО „Цивил“.

- Луѓето не се чувствуваат безбедни. Тие не веруваат во полицијата и во институциите на државата. Имаме нестабилна економија, разнишано судство, органи на прогон кои не си ја вршат работата. Во таква состојба, ако дете од 15 години ви удри шлаканица, свртете му го и другиот образ. Стигнавме дотаму сега да нема тепачки како порано. Директно се посегнува по пиштоли - вели Дерала.