faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Донации над 2,5 милиони евра не им донесоа на босилчани чиста вода за пиење

Надлежните се жалат дека наместо преку проектите да се прочисти водата и да им се обезбеди чиста вода, таа само се преработува бактериолошки, но не и хемиски

Жаклина Ѓорѓевиќ 

Осум илјади жители од струмичкиот регион десетина години не можат да добијат чиста вода за пиење, иако странски донатори во два наврати давале средства за таа намена. Според надлежните пропаднала инвестицијата од над 2,5 милиони евра кои преку ГТЗ биле обезбедени пред ��есетина години за проект со кој на жителите од општината Босилово требало да им се обезбеди питка вода. Па така, наместо преку проектот да се прочисти водата и да им се обезбеди чиста вода, таа само се преработува бактериолошки, но не и хемиски. Во неа, велат надлежните се уште   остануваат честици на хемикалии кои биле причина босилчани да побараат помош кај странските донатори. Проблемот, кој тие го лоцирале во изведувањето на проектот, се обиделе да го решат преку проектот на УСАИД, но неуспешно. Се надеваат дека проблемот ќе се реши со третиот обид, преку КАРДС проект со кој конечно очекуваат дека низ нивните чешми ќе потече кристално чиста вода.

Хидро-системот „Иловица“ е изграден да служи за водоснабдување на седум населби од општина Босилово и наводнување на 90 хектари обработливо земјиште во атарите на Иловица и Штука. Се состои од брана Иловица, филтерска станица, резервоар со пумпна станица и потисен водовод за Иловица и Штука, главни доводни цевоводи од резервоарот до Турново, Радово, Босилово, Секирник и Бориево, како и мал систем за наводнување. Системот Иловица е финансиран од Германската влада преку ГТЗ, но во него со свои средства учествувала и македонската Влада. Вкупната вредност на проектот е 5,1 милиони марки или 2,5 милиони евра. Од нив 4.396 милиони марки или 2 милиони евра се германски грант, а останатите се обезбедени од буџетот.

Проблемот надлежните го увиделе по пуштањето на водата низ цевките кои почнале да пукаат од огромниот притисок кој се создавал во нив. „По изградбата на филтер-станицата, акумулацијата и главните цевководи од страна на германската Добершек инженеринг, кога требало да се пушти системот увидовме дека постоечката технологија вградена во филтер станицата не ги дава резултатите. Подоцна се утврдило дека не работат филтрите за прочистување на водата и поради тоа водата не била со задоволителен квалитет и предизвикувала дефекти во регулација на притисокот во главниот цевковод во петте населени места кои требало да се снабдуваат со вода“ вели Борче Минов, директор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Огражден“.  Од општината ја ангажирале скопската фирма „Флуид проект“ за да го утврди дефектот. „Утврдивме дека се работи за дефект во филтрите, при што истекувал кварцниот песок и антрацитот кои требало да го вршат прочистувањето на водата во цевководот, што истовремено ја нарушувало регулацијата на притисокот. Затоа аплициравме преку проект во УСАИД, и кон крајот на 2004 и почетокот на 2005 година се санирани фините филтри. Од тогаш филтрите дале задоволителен резултат и регулацијата на притисокот е нормална“ вели Минов. Иако, заклучува дека  и покрај двете донации, системот технички функционирал во пет населени места, но сепак не давал чиста вода за пиење од хемиски аспект. „Водата е бактериолошки беспрекорно чиста, но во некои периоди од годината се покачува нивото на хемикалиите, како манган, сулфати а има и неколку единици на органска материја“ појаснува Минов.

Сега, босилчани се надеваат дека ќе добијат чиста вода за пиење преку тековниот КАРДС проект кој би требало да финишира во октомври, а опфаќа изградба на систем за преттретман на водата, преку кој водата и хемиски ќе се прочистува. Тој чини 229.751 евра.

Сепак, сите жители од овој регион не се поврзани на водоводната мрежа. Но, има и такви кои имаат финансии да си го платат приклучокот. Ѓорѓи Иванов од селото Турново е еден од нив. „Презадоволни сме од новата мрежа. Порано имавме пумпа со хидрофор, но од пред една година се приклучивме на новиот водовод. Ја користиме водата за се, па и за пиење“ вели тој. Иванов вели дека редовно добиваат извешати од надлежните дека водата е добра за пиење, но од претпазливост не им ја даваат на децата. 

Не е јасно кој е виновен за лошото функционирање на проектот кој е реализиран од ГТЗ во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Надлежните не можат да ги потврдат ниту да ги демантираат информациите на општината Босилово дека системот за водоснабдување кој бил изграден преку германска донација не функционира. Според информацијата со која располагаат во централата на ГТЗ, браната во Босилово била изградена заедно со уште две брани во Мантово и Турија во рамките на проектот за рехабилитација и конструкција на брани кој се реализирал од 1997 до 2001 година. Но, тие немаат информации дека проектот е промашена инвестиција, туку напротив дека имал за цел да им помогне на жителите од овој регион. 

Од Управата за водостопанство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство управа за водостопанство, кои биле имплементатори на проектот велат: „Проектот е целосно извршен со сите технички и финансиски контроли од страна на финансиерот ГТЗ и тие за цело време бил присутни во Министерството за земјодекство, шумарство и водостопанство. Објектите се предадени на користење и тие се во надлежност на локалната самоуправа“ велат во министерството.

Од Министерството за локална самоуправа велат дека овие проекти се менаџирале преку други министерства. Во Европската агенција за реконструкција која ги менаџира проектите на ЕУ не се информирани за претходниот проблем на босилчани, туку само за намената на сегашниот тековен проект.