faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Санстефанскиот договор и Берлинскиот конгрес

Состојбата на Албанците во времето на Источната Криза
 
Во периодот на распадот на  Османлиската империја и Источната криза, Албанците одбиле да учествуваат во борбите против соседните народи на страната на Портата, меѓутоа местата населени со Албанци биле предмет на интерес на соседните земји и нивните идеи за територијално проширување. Позицијата на Албанците посебно ја усложнувало тоа што некои од Големите сили  (Австро-Унгарија и Италија) покажувале директини претензии кон албанските области, а  Русија ги поддржувала соседните земји во нивните територијални аспирации.

Во текот на 1876-1877 година во областа Мирдита избувнало антиосманлиско востание. Ова востание било задушено од османлиските сили и не успеало да се прошири во другите делови населени со Албанци, меѓутоа покажало дека албанскиот народ не може да биде занемарен во проектите кои имале врска со новиот поредок на Балканот.

Руско турската војна и Сан-Стефанскиот мировен договор
 
Во 1877 година Русија ја нападнала Османлиската империја со што започнала Руско-турската војна. Оваа војна придонела за ослабување на власта на Османлиската империја на Балканот и им овозможила на дел од балканските народи да ги реализираат барањата за формирање сопствени национални држави.

За многу кратко време руските војски стигнале во близината на Цариград, додека српските и црногорските војски започнале воени дејствија против Османлиската Империја пробивајќи се во областите населени со Албанци (вилаетите на Косово и Скадар). Грција се придружила во овие активности и со поддршка на  антиосманлиското востание на епирските доброволци во Јужна Албанија се обидувала овој дел да го обедини кон Грција.

Османлиската Империја, која ја изгубила војната, била принудена на 3 март 1878 година да  потпише договор со Русија. Според тој договор, познат како Сан-Стефански (според местото во кое бил потпишан), Османлиската Империја го изгубила најголемиот дел од териториите на Балканот, а Србија, Црна Гора, Романија и Бугарија станале независни држави. Во тој договор воопшто не се спомнуваат Албанците и териториите на кои живееле Албанци биле поделени  помеѓу соседните новосоздадени држави (Бугарија, Србија, Црна Гора), или останале под власта на Османлиската Империја.

Територијалните промени предизвикале протести кај албанскиот народ, кој изразил јасна подготвеност да се спротивстави на тие одлуки, што довело до создавање  комитети и обласни и меѓуобласни завети. Во тие околности и Албанското Национално Движење ги започнало активностите за  целосна независност на Албанија. На  крајот од 1877 година албанските дејци се собрале во Истанбул и формирале национална организација која требала да ги претставува интерсите на сите Албанци. Организацијата била наречена  "Централен Комитет за Заштита на Правата на Албанскиот Народ", позната и како Цариградски Комитет. Него го сочинувале дејци од сите области населени со Албанци, а на чело на тој комитет бил избран Абдил Фрашери.

Со договорот од Сан Стефано со кој Русија се стекнала со огромна моќ, не биле задоволни ни другите европски држави, тие тоа го доживеале како закана по себе и сопствените интереси заради што во јуни 1878 година свикале конгрес во Берлин.

Основањето на Призренската Лига, нејзините барања и првите дејствија
 
Договорот од Сан Стефано и назначувањето на датумот за одржување на Брлинскиот конгрес, ги засилиле активностите за создавње на политичко-воена организација која ќе го обедини  албанското движење. Како резултат на тоа, на 10 јуни 1878 година во Призрен била донесена одлука да се создаде организација со политички и воени функции наречена “Призренска Лига“. На  основачкото собрание учествувале претставници од сите области во кои живееле Албанци и по основањето на Призренската Лига биле формирани и ограноци во сите овие области, како на пример во Скопскиот санџак во кој управувал Јашар Бег Шкупи. Уште со првите акти Призренската Лига презела дел од функциите на владеење од Високата Порта и со тоа го започнала процесот за создавање автономна Албанска држава.

Призренскиот Собор им ја објавил на Големите Сили решеноста на Албанците да не се дозволи поделба на териториите на кои живеат Албанците. Лигата усвоила програма во која биле содржани ставовите за обединувањето на вилаетите каде што живееле Албанци во еден вилает, како и за формирање автономна држава на Албанците. Во програмата било предвидено да се формира администрација на Лигата и да се создадат автономни органи кои би собирале даноци и органи кои би биле одговорни за зачувување на редот (воени сили на "Обединетите Вилаети“ и полиција).

Одлуките на Берлинскиот Конгрес и реакциите на Албанците
 
На Берлинскиот конгрес била извршена целосна ревизија на договорот од Сан Стефано, а за статусот на Османлиската империја заеднички решавале европските сили. Со новите решенија, Османлиската империја изгубила најголем дел од европските територ��и, било намалено влијанието на Русија, била зголемена моќта на Австро-Унгарија и Велика Британија, а новосоздадените балкански држави добиле многу помала територија од онаа предвидена со договорот од Сан Стефано.

Во одлуките на Берлинскиот Конгрес Албанија се третирала само како географски поим, а териториите населени со Албанци биле поделени меѓу неколку држави. Таквото решение не било прифатливо за Албанците. Тоа го знаеле земјите кои одлучувале, па затоа, во август 1878 година, на територијата на Албанија бил испратен Мехмет Али паша, кој требало да ги убеди Албанците да ги предадат овие територии. На оваа иницијатива се спротиставила Лигата и во судирите кај Ѓаковица Мехмет Али паша бил убиен.

Спротивставувањето се манифестирало во повеќе протести организирани во овој период. Се формирала делегација составена од Абдил Фрашери и Мехмет Али Вриони, која требало да ги претставува Албанците пред големите сили. Се случиле и повеќе судири со околните држави (посебно со Црна Гора) што имале за цел да се спречи расцепкувањето на териториите населени со Албанци. 

Од меморандумот од 13 јуни 1878, за потребата за создавање на автономна албанска држава и против поделбата на Албанците, пренесен од еден висок англиски службеник:
„...Тие ја изразуваат надежта дека нивните барања ќе се разгледат од Конгресот, иако тие се единственит народ без свој претсавник. И покрај сите потешкотии Албанците успеале да ја сочуваат нивната независнот, особините, традициите и нивниот национален јазик, и било да се тие католици, православни или муслимани, ги мразат не само нивните владетели Турци, туку и сите други [владетели] што им се туѓи.“

Извор: Рамиз Абдули – Албанската Призренска Лига во британските извори, II, Приштина, 2004, стр 40 [на албански јазик].

Активностите за основање на Албанската Држава

Во  ноември 1878 година бил одржан Собор во Дебар на кој била усвоена  програма сo автономистички барања. Иако Високата Порта не се изјаснила јавно против овие барања, таа го забавила одговорот.

Барањата на Лигата за автонимија добиле поддршка кај албанскиот народ. Како резултат на Дебарскиот Конгрес во сите градови каде што делувала Лигата биле формирани нејзини судови. На пример, во Скопје постоеле двојни судови (османлиски и на Лигата) и населението имало право да избере на кој суд ќе се обрати. Голем дел од населението ги избирало судовите на Лигата.

Во месец декември 1880 година во Вилаетот на Косово започнале вооружените дејствија против администрацијата на Високата Порта. Во овие активности учество зеле само тие што ја подржувале автономистичката програма. Соборот ги отстранил од управните органи на Лигата оние кои биле против автономијата и го прогласил Националниот Комитет на Лигата. За Претседател на привремената влада бил прогласен Имер Призрени. Привремената Влада организирала свои редовни воени и полициски сили и ја воспоставила нова албанска администрација во областите кои се ослободувале. Се создале и органи на Привремената Влада на Лигата во поважните места. 

Како одговор на овие активности Високата Порта организирала голема воена екпседиција која ги потиснала силите на Лигата и конечно ја растурила со освојувањето на Призрен, во кој се наоѓало седиштето на привремената влада. По растурањето на Призренската Лига, Османлиската империја формирала воени судови на кои илјадници албанци, дејци и борци на Лигата биле осудени на затвор или биле протерани во далечните области на Империјата. 

АЛБАНСКОТО АНТИОСМАНЛИСКО ВОСТАНИЕ ОД 1912 ГОДИНА И БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

Албанското Антиосманлиско Востание од 1912 година

По растурањето на Призренската Лига продолжиле антиосмалиските востанија, кои имале претежно локален карактер. Со оглед на тоа што не постоел единствен центар за нивна координација, османлиските сили успевале лесно да ги задушат.

Учеството на Албанците во победата на Младотурската Револуција и востанијата подигнати во 1910-11 година претставувале значаен чекор напред во возобновувањето на Албанското Национално Движење. Истовремено овозможиле албанското прашање да биде поставено не само на балканско, туку и на европско ниво како проблем што треба да се реши.  

Во вакви услови започнале подготовките за општо антиопсманлиско востание. Од една страна почнало да се работи на создавање на единствен центар за управување, а од друга, продолжила парламентарната борба за реализирање на националните барања од страна на албанските пратеници во структурите на власта на Османлиската империја. Така, на 11 јануари 1912 година, Хасан Приштина одржал говор пред Парламентот во кој ја предупредил османслиската влада дека доколку не се исполнат албанските национални барања, во Албанија ќе избувне востание и тој лично ќе застане на нејзино чело.

Во почетокот на 1912 година (во време на работата на Парламентот) бил одржан состанок на пратениците од сите области населени со Албанци. На средбата на најзначајните личности на албанскиот политички живот што се одржала по овој состанок било решено дека е потребно да се започне со општо востание. Со цел востанието да има поголем успех, Албанското Национално Движење започнало преговори со другите народи, кои сe уште се наоѓале под власта на Османлиската Империја. Дел од тоа биле и преговорите со ВМРО и обидот да се постигне соработка со Македонците.

Вооружените судири меѓу албанските чети и османлиските сили брзо се прошириле во четирите вилаети во кои живееле Албанци (Косовскиот, Битолскиот, Јанинскиот и Скадарскиот). По неуспешните преговори меѓу востаниците и претставниците на османлиската власта во Приштина, било донесено решение востанието да се прошири кон Скопје. Востаниците поставиле 14 барања кои не биле прифатени од Високата Порта. Тоа довело до кулминација на востанието и илјадници востаници управувани од нивните водачи го ослободиле Скопје од османлиските трупи. На преговорите кои се воделе во Скопје претставниците на Османлиската империја прифатиле 12 од поставените 14 барања. 

Прогласување на независна Албанска држава

Имплементацијата на прифатените барања доцнела затоа што вниманието на османлиската власт било свртено кон новиот сојуз кој го создале балканските држави, кој бил потенцијална опасност за  империјата. Државите кои влегле во составот на Балканскиот сојуз (Србија, Грција, Бугарија и Црна Гора) планирале да ја нападнат Османлиската империја и да ги освојат преостанатите територии кои биле под нејзина власт на Балканот. Овие планови предвидувале освојување и на териториите населени со Албанци. Плановите на балканските држави биле поддржани  од Русија, која очекувала дека на тој начин ќе го зајакне своето влијание на Балканот.

Во октомври 1912 година балканските држави ? објавиле војна на Османлиската империја. Во многу краток временски период  ги победиле османлиските војски на сите фронтови и започнале да се пробиваат длабоко во териториите населени со Албанци. Српските сили навлегле во областите од денешна северо-источна Албанија и Косово, црногорската војска навлегла на територијата околу Скадар, а грчките војски го окупирале Епир. Секаде кадешто се пробиле војските на балканскиот сојуз било применувано насилства од кое страдало незаштитеното албанско население. 

Тоа ги поттикнало дел од водачите на Албанското Национално Движење да преземат нови активности, насочени кон претставниците на големите сили. На собирот во Скопје усвоиле декларација што им била предадена на конзуларните претставништва во Скопје. Во декларацијата ги запознале дипломатите во Скопје дека не се борат за да ја одбранат Османлиската империја, туку за да ги одбранат интересите на албанскиот народ. Во оваа декларација дотогашното барање на Албанците за создавање на Албански вилает во состав на Османлиската империја било заменето со барање на независна Албанска држава.

Како резултат на барањата изнесени во Скопје, бил одржан Собор во Валона на кој учествувале претставници од сите територии на кои живееле Албанците. На Соборот  била прогласена Албанската независна држава и била формирана Влада, која на меѓународен план се појавила како претставник на сите Албанци.

Лондонската конференција и последиците за албанскиот народ
 
Прогласувањето на Албанската независна држава на Соборот во Валона се случило во многу сложени меѓународни околности и изразени спротивности меѓу Големите сили во врска со разрешувањето на ситуацијата на Балканот. Тоа ги поттикнало Големите сили да му посветат посебно внимание на Албанското прашање на конференцијата што се одржала во Лондон во  1912-1913 година. На конференцијата била формирана посебна меѓународна комисија и како резултат на нејзината работа, во 1913 година било признато постоењето на независна албанска држава.

На независната албанска држава што била призната со Лондонската конференција не ? припаднале северо-источните и јужните територии населени со Албанци. Ваквото решение било компромисно, донесено со цел да се избегне влошување на односите меѓу самите Големи Сили. Со ваквото решение во голема мера биле задоволени претензиите на останатите балкански земји, но не било земено предвид националните интереси на албанскиот народ за создавање на нивна етничка држава, што биле претходно изразени на Соборот во Валона.

Решенијата донесени на Лондонската конференција предизвикале големо незадоволство кај албанскиот народ на териториите населени со Албанци кои се нашле во составот на Србија и Црна Гора и Грција.

АЛБАНЦИТЕ ВО ВРЕМЕТО НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

Паѓањето на областите населени со Албанци под окупација на Централните Сили и на Антантата

Почетокот на Првата светска војна ги затекнал Албанците без сопствена централна власт. До тој момент, Албанија била управувана од германскиот принц Вилхелм Вид,  а Косово и другите области населени со Албанци се наоѓале под српска, црногорска и грчка власт. Албанскиот народ се нашол во хаотична состојба, без единствен центар за координација, а Албанија не се појавила како рамноправна страна во игрите за добивање територии.

Албанците станале објект на поделба и ветувања кои Големите сили им ги давале на балканските држави за проширување на нивните територии.  Почнувајќи од есента 1914 година до почетокот на 1916 година, Србите ја окупирале Северна и Средна Албанија до реката Шкумбин, Црногорците го освоиле Скадар, Грците навлегле во јужните области, додека Италијанците ја поседувале Валона со околината. Во овие краишта економијата била целосно уништена, многу албански дејци биле убиени, а голем број  Албанци (околу 300.000) биле принудени да се иселат во Турција. Во наредните две години територијата на Албанија била претворена во бојно поле и била во повеќе наврати освојувана и делена меѓу Австро-Унгарците, Италјанците, Бугарите и Грците. Линијата на фронтот помеѓу завојуваните страни се протегала приближно на линијата Валона-Берат-Поградец.

Отпорот на Албанците во текот на Првата светска војна

Уште во почетокот на окупацијата во Албанија почнал да се организира отпор и да се формираат чети и национални комитети. Во САД била создадена Федерацијата "Ватра" која ги обединувала сите комитети. Комитетите издале заедничка програма во која се барало да се обезбеди независноста на Албанија и да се преиспитаат границите на Албанската држава од 1913 година во кои не биле опфатени сите области со албанско население.

Во 1917 година, во областа на Корча што била под француска управа и во областите под Австро-унгарска власт биле прогласени автономии. Во 1917 година Италјанците ја прогласиле "независна Албанија" под зашита на Италија.   Во овие автономни области Албанците имале право на своја администарација, на негување на нацоналната култура, на употреба на албанскиот јазик и на отворање на албански училишта. Ова овозможило натамошен развој и подигање на националната свест кај албанскиот народ.

Во бугарската окупациона зона состојбата била потешка. Биле уапсени многу дејци, била извршена принудна регрутација на мажи способни за војна, а војската за своите потреби од населението одземала храна и добиток.

Крајот на Првата светска војна Албанија го дочекала поделена меѓу неколку држави. Најголем дел од нејзината територија останал под окупација на Италија. Деловите околу Корча и Подградец останале под Француска власт, а српрската војска со помош на француската војска го освоила Косово и другите албански области и навлегла во Северна Албанија. Земјата била економски разрушена, а голем дел од населението настрадал во борбите, од гладот и епидемиите.

Албанските дејци внатре и надвор од државата се обидувале да ја спречат поделбата на Албанија и да ја обезбедат нејзината независност. Албанските политички групи успеале да се обединат и да формираат заедничка влада, која требало да го претставува албанскиот народ и да ги штити неговите интереси  на мировната конференција што била планирана да се одржи во Париз.

Париската Мировна Конференција и Албанците (1919-1920)

Првата светска војна завршила со одржување на мировната конференција во Париз. Албанците се надевале дека на конференцијата праведно ќе се решат нивните барања, меѓутоа државите победнички имале свои интереси во Албанија. Италија ја барала Валона и протекторат над "албанската автономна држава" што требала да се формира во Средна Албанија, додека пак Грција  ги барала Корча и Ѓирокастро. Претставниците на Кралството на Србија, Хрватска и Словенија (СХС) се изјасниле за независна Албанија во границите на 1913 година, но сметале дека доколку на некоја држава и се признае правото на окупација или на протекторат над Албанија тогаш и на Кралството СХС треба да му припадне еден нејзин дел.

Во такви услови делегацијата на Албанската влада отишла во Париз, и предложила два меморандума. Со првиот меморандум  се барало да се корегираат одлуките на Берлинскиот Конгрес и на Лондонската Конференција во врска со албанските територии кои останале надвор од границите на Албанија. Кога не бил усвоен првиот меморандум, бил поднесен втор со кој се барало САД да ги администрираат овие територии кои останале надвор од границите од 1913 година. Иако албанското прашање било дискутирано на Мировната Конференција, барањата на Албанците не биле земени предвид.

На париската мировна конференција Албанија била призната како независна држава во границите од 1913 година, што се совпаѓаат со границите на денешна Албанија. Тоа не ја попречило Италија и понатаму да ја држи под контрола Валона со околните области, сe додека востанието на Албанците во 1920 година, ги принудило италијанските трупи да се повлечат од Албанија.

Албанците што се нашле вон границите на Албанија (во состав на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците и на Грција) го продолжиле отпорот, незадоволни од власта под која се нашле, сe додека нивниот отпор не бил задушен.