прва страница      за нас          редакција       претплата      маркетинг       контакт  

5.11.2011  
 Архива
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Пропаѓа инвестицијата од 80 илјади евра за модерното училиште во Лакавица

Надлежните не гледаат надеж во училиштето кое е изградено со средства од Светска банка, а според нив е промашена инвестиција

Жаклина Ѓорѓевиќ

Селското училиште во Лакавица се празни и прашање на време е кога потполно ќе се затвори и ќе се стави под клуч. Надлежните сега не гледаат надеж во капацитетите на модерното училиште кое некогаш служело за пример во околната, а е изградено со средства од Светска банка. Сега на него се гледа само како на промашена инвестиција. ��лавната причина за тоа е незадоволството поради тоа што модерно училиште се гради во запустени краишта, наместо да се инвестира во централното Основно училиште „Ванчо Прке“ од штипско Ново село, во кое досега државата не вложила ниту денар. Сличен беше примерот и со скопското училиште во Добри дол, каде преку Светската банка се вложени дури 200 илјади евра, а во него учат само десетина деца.

Експертите велат дека во изминативе десетина години во земјава влегле над една милијарда евра преку проекти во најразлични области, но не е познато како и каде се потрошени. Тоа најмногу поради немањето способност кај државните институции да ја комплетираат целокупната документација за странските донации. Македонија постојано добива критики дека е земја која важи за една од оние кои немаат спосбност за менаџирање на проектите, па оттаму постојано се пролонгира присуството на странските агенции кај нас преку кои донациите доаѓаат во Македонија.

Училиштето во Лакавица е изградено преку Проектот за рехабилитација на образованието“ од 2001 година, во кој е вклучена реконструкција и изградба на триесетина училишта. Вредноста на проектот е 158.803 германски марки или околу 80 илјади евра кои се обезбедени преку холандски грант. Училиштето е изградено според модерни, светски стандарди кои ги пропишува Светската банка. Но, проблем е тоа што во него учат само четириесетина деца кои се распоредени во четирите училници кои се скоро празни. Најмал е бројот на првоодделенците и третоодделенците, кои се вкупно седум, додека децата кои одат во второ и четврто одделение се осум. Десет деца одат во седмо и осмо одделение, а најголем е бројот на петто и шестооделенците чиј број е 15.

„Училиштето во Лакавица е промашена инвестиција. Постојано се намалува бројот на населението кое живее тука, па оттаму и бројот на учениците се намалува секоја година. Објектот некако работеше досега, но со процесот на децентрализација и префрлувањето на училиштата  под ингеренција на општините, не знам колку ќе им се исплати да го оддржуваат училиштето“ вели директорката на централното училиште „Ванчо Прке“, Билјана Казанџиска, под чии ингеренции е и училиштето во Лакавица. Сепак, најголема опасност за неа е затворањето на училиштето во Лакавица што ќе претставува меч со две острици. „Од една страна, без работа ќе останат дури тринаесет наставници што доаѓаат да предаваат таму, а од друга, на учениците ќе треба да им се плаќа патот до училиштето во Штип.

Казанџиска жали поради тоа што се дале пари за училиште кое изумира наместо да се инвестира во познатото штипско училиште „Ванчо Прке“ кое досега не е реновирано, иако има историска позадина бидејќи во него учел познатиот македонски револуциионер Гоце Делчев. Ова училиште се најде на тапет и од Хелсиншкиот комитет поради бедните услови во кои учат учениците кои седат на клупите кои датираат уште од гоцевите денови.

„Во училиштето во Лакавица се вложени средства кои можеле да се вложат во училиштето во Ново село, во кое учат 130 ученици. Ние поднесовме проект за Ново село до Норвешка амбасада преку Министерството за образование, но многу тешко ни оди“ вели директорката Казанџиска. Со проектот тие планираат реновирање на санитарните чворови, промена на целокупната столарија и реконструкција на фасадата. Горниот спрат од училиштето планираат да го направат спомена соба во чест на Гоце Делчев.

Претставничката на Светската банка во земјава, Сандра Блуменкамп од оваа временска дистанца вели дека според нивните анализи подобро би било да изградат нови училишта отколку да ги реновираат постојните бидејќи тоа било огромен товар за буџетот на банката. Таа додава и дека поради огромните трошоци за реновирање на училиштата тие брзо ги истрошиле средствата иако било планирано училиштата да се реновираат во повеќе наврати.

Во Министерството за образование и наука не располагаат со документација за странските донации во образованието од овој период.

Инаку, во периодот од 2003 до 2006 година преку различни донатори во образованието влегле над 15 милиони евра за подобрување на состојбата во училиштата. И покрај тоа, условите во училиштата според анализите на Хелсиншкиот комитет добија најлоши оценки.

Преземете ја RSS верзијата на
вестите на
PressOnline
...............................





"""


И с т р а ж у в а ч к о
н о в и н а р с т в о
...............................


................................