faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Донации

Донаторите кројат црна листа на општини кои лошо менаџирале проекти

Незадоволни од исходот на средствата кои преку различни проекти ги вложиле во земјава, донаторите испраќаат последно предупредување.
Донаторите стопирале дел од проектите за инфрастраструктура за кои тврдат дека не профункционирале.
Усна закана добила општината Крива Паланка поради проектот за водоснабдување на пограничните села Узем и Жидилово во кој се вложени над 100 илјади евра

Жаклина Ѓорѓевиќ

С��ранските донатори во земјава подготвуваат црна листа на општини кои досега не успеале успешно да ги завршат и менаџираат проектите. Во последниве два месеца интензивно се прават консултации и се кројат списоци кој се да биде ставен на оваа листа. Незадоволни од исходот на средствата кои преку различни проекти ги вложиле во земјава, (а според некои проценки станува збор за десетици милиони евра), донаторите испраќаат последно предупредување. Општините за кои ќе се утврди дека не ги реализирале проектите онака како што се очекувало од нив, засекогаш ќе ја изгубат шансата повторно да добијат странска помош.

Во последниве десетина години во земјава се вложени над милијарда евра странски донации, но никој нема точна евиденција како се потрошени. Со исклучок на донаторите, нема државна институција која води збирна евиденција за успешноста на проектите во изминативе години. Тоа останува како сознание само за двете страни вклучени во донацијата-оние кои донираат и оние на кои им се донира. Од пред некоја година во овој процес е вклучен Секторот за евроинтеграции на Владата, но и тие немаат целосни информации за проектите. А, како најцрн период во менаџирањето со проекти во Владата го посочуваат периодот 2001-2002 година бидејќи немаат документација за голем дел од помошта која влегла тогаш.

Како што дознаваме, некои општини добиле писмени известувања од донаторите дека ги раскинуваат проектите со нив. Други пак, се исплашени од усните закани на странците кои им биле упатени при обиколка на проектите, за да се уверат до каде е нивното имплементирање. Но незадоволство од соработката со донаторите изразуваат и општините. Тие се жалат дека странците ги повлекуваат парите што ги инвестираат во земјава, оти голем дел од средствата воошто не остануваат тука, туку завршуваат во рацете на странски експерти. Друг проблем за нив претставува и одржувањето на објектите поради слабата економска моќ на самите општини.

Донаторите се револтирани оти имаат чувство дека парите им се отидени во ветер. Со донациите се градат системи за водоснабдување и прочистување на отпадни води, за кои донаторите тврдат дека потоа не се во функција поради незаинтересираноста на општините да ги менаџираат. Затоа, дел од нив стопирале дел од програмите кои претходниве години ги спроведувале во земјава. А, велат ќе ги продолжат откако ќе ја дефинираат црната листа за да знаат кого да вклучат во следните фази. Од понатамошно вложување во областа на инфраструктурата не се рамнодушни и дел од невладините организации преку се слеваат странските донации. И тие решија да кренат раце од инфраструктурни проекти бидејќи велат дека нема поента во трупање на средства кога кај општините нема расположение да ги подобрат условите за живот.

Една од општините кои добиле усна закана од донаторите е Крива Паланка поради проектот за водоснабдување на пограничните села Узем и Жидилово во кој преку СИП програмата и невладиниот Македонски центар за меѓународна соработка се вложени над 100 илјади евра. Но, проектот не заживеал поради, како што велат донаторите, непостоењето на желба кај жителите да се приклучат на водоснабдителната мрежа која им обезбедува чиста вода за пиење.

Но овој проект не е единствен. Долга е листата на проекти кои од различни причини не функционираат иако во нив се вложени милиони евра. Донаторите не се задоволни и од редица други проекти за водоснабдителни и системи за отпадни води кои ги квалификуваат како „споменици“. Неофицијално, донаторите ги посочуваат примерите со водоснабдителните и системите за отпадни води во Пробиштип, Куклиш, Македонски брод и Злетово, каде и покрај изградбата на системите, жителите со години не се приклучуваат поради немањето економска моќ, а во некои случаи се зборува дека се работи и за партиски причини.

Општините пак со своја приказна. Велат-не е лесно да се одржуваат објектите кои се градат со странските донации. Ваков е примерот со пречистителната станица во Македонски брод, која е прашање на време до кога ќе работи. Се работи за една од најсовремените пречистителни станици во регионот, но надлежните велат дека одвреме навреме таа не функционира поради пропустите во одржувањето. Станицата која служи за пречистување на водите во Македонски Брод е изградена со австриска донација и во 2003 година е предадена на користење на Јавното комунално претпријатие. Но, тоа има проблеми со остварување на наплата во домаќинствата на сметките за комуналии, па оттаму тоа не е во можност да ја одржува. „Апелираме до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање да преземат одредени мерки како финансиска помош или целосно да ја преземат во нејзини ингеренции“ вели Филип Стојкоски, директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“. Тој се жали дека трошоците за годишно одржување на станицата се 1,7 милиони денари или околу 28 илјади евра, што е околу 30 отсто од целокупниот приход на претпријатието. „Станицата е големо оптоварување за нас и таа го нарушува нормалното работење“, додава Стојкоски.

Странските донатори избегнуваат да покренат судска постапка за да побараат отштета поради нерализираната донација или да ги вратат партите назад бидејќи не сакаат да го нарушат својот углед во земјава. Едноставно ја раскинуваат соработката со организацијата на која и ги донирале парите. Таков е случајот со Швајцарската агенција за развој и соработка која ја раскинала соработката со Движењето на екологистите на Македонија откако не добиле дел од сметкопотврдите за дел од парите кои ги намениле за проектот „Конзервација на планината Пелистер“. Директорот на агенцијата, Роман Дарбелеј не сака да нагласи за колкава сума пари станува збор. Но, вели дека не покренале истрага за случајот бидејќи трошоците за ангажирање адвокат се повисоки отколку сумата за проектот. Но затоа, додава тој, во иднина ќе внимаваат на кого ќе донираат пари.

„Бројот на случаи во кои донаторот побарал помош од нас во решавање на овие проблеми е поголем кај проекти кои воопшто не поминале низ Националниот систем, отколку кај проектите кои ги поминале сите внатрешни механизми на проверка и одобрување“ вели Јован Деспотовски од Секторот за евроинтеграции при Владата. Според него, ризикот да се случат манипулации со донираните пари е поголем во случаи кога се заобиколува Националниот систем за координација на странска помош.

Во Заедницата на единиците на локалната самоуправа потврдуваат дека понекогаш има проблеми со менаџирањето на проектите во општините, но тоа се надминува. Тие не се информирани дека во моментов некои од општините се соочуваат со проблеми. За повеќе информации упатуваат на нивната веб страна каде има листа на повеќе стопирани проекти од областа на инфраструктурата, но некои од тие информации се веќе застарени.