faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Македонците и решенијата од Санстефанскиот и Берлинскиот конгрес

Положбата на македонскиот народ во времето на источната криза

Распадот на Османлиската империја бил забрзан како резултат на развојот на концептот на нации на тлото на Европа, но и како резултат на внатрешните промени во самата империја. Рефлексиите на француската револуција и барањата за ново исцртување на границите во Европа врз основа на принципот една држава-една нација, ги поттикнало Грците, Бугарите и Србите да ја организираат сопствената борба, како борба за формирање сопствени национални држави. Истовремено, внатрешните промени во империјата предизвикани од напуштањето на спахискиот систем било проследени со зголемување на даноците и на самоволијата на локалните властодршци и собирачите на даноци, со дејствување на разбојнички банди, со бесплатна работа на која биле принудувани селаните итн. Сето ова ја влошувало положбата на населението  во Османлиската империја и го зголемувало отпорот против неа.

Токму во таква ситуација се нашол македонскиот народ кон крајот на 19 век во врска со “Источното прашање“[1]. Во сите случувања поврзани со распадот на Османлиската империја, територијата на која живеел македонскиот народ била предмет на интерес, а самиот народ многу малку учествувал како рамноправен субјект во настаните. Интересот на македонското население на овие простори не бил земен предвид во ниту една од расправите кои се воделе и во предлозите кои се нуделе за решавање на Источното прашање во овој период. Во тоа време, Димитар Поп Георгиев го организирал Разловечко востание (1876) и започнал агитација против Османлиската Империја.

Руско-турската војна и Санстефанскиот договор

По неуспешниот обид на големите сили да ги решат проблемите на балканските народи (Цариградска конференција), во 1877 година. Русија ја нападнала Османлиската империја, а дел од народите под османлиска власт влегле во војната на страната на Русија. Во редовите на руската а подоцна и на српската војска, се бореле и голем број македонски доброволци со надеж дека ќе го забрзаат  ослободувањето на својата родна земја. Подоцна овие борци започнувале  востанички активности меѓу Македонците при што биле создадени повеќе слободни територии.

Брзото напредување на руската војска и нејзиното приближување кон Цариград ја принудило Османлиската Империја да потпише  мировен договор со Русија. Со договорот склучен во Сан Стефано (градче во близина на Цариград, денешен Yesilkoy) во 1878 година, Србија, Црна Гора, Романија и Бугарија требало да станат независни држави. Според договорот новосоздадената  бугарска држава  ја опфаќала територијата на денешна Северна и Јужна Бугарија и речиси целата територија на која живееле Македонците.

Потпишувањето на Санстефанскиот договор и поделбите на териториите предложени со него предизвикале незадоволство и бројни реакции кај македонската емиграција бидејќи  Македонија не била меѓу новосоздадените држави. Во овој период особено активен бил  на Димитар Робев,  македонски пратеник во турскиот парламент. Тој ги осудил пропагандите на соседните балкански држави кои сакале да ја присвојат територијата на која живееле Македонците. Во мај 1878 година, Робев пристигнал во Белград каде се поврзал со прогресивната македонска емиграција за да обезбеди поддршка за создавање на независна Македонија. Тој стапил во контакт и со видни српски државници, кои за да ги заштитат сопствените интереси, не се согласиле со барањата на Робев и го обвиниле дека од лични побуди сакал да стане кнез во самостојна Македонија.

Берлинскиот конгрес и последиците за македонскиот народ

Со договорот од Сан Стефано, Русија се стекнала со огромна моќ. Другите европски држави тоа го доживеале како закана за сопствените интереси, па затоа, во јуни 1878 година свикале конгрес во Берлин. На овој конгрес била извршена целосна ревизија на договорот од Сан Стефано, а за статусот на Османлиската империја заеднички решавале европските сили. Со новите решенија, Османлиската империја изгубила голем дел од европските територии, било намалено влијанието на Русија, била зголемена моќта на Австро-Унгарија и Велика Британија, а Србија, Црна Гора и Романија добиле независност.      

Покрај дипломатите кои ги претставувале големите сили, на Берлинскиот когрес биле присутни и делегати од Турција и од балканските држави. Делегатите од балканските држави биле пристојно сослушани па потоа игнорирани. Претставниците од Турција биле не само игнорирани туку и навредени,  особено кога Бизмарк им се обратил со следните зборови: “Ако замислувате дека Конгресот е свикан поради Турција престанете да се залажувате. Санстефанскиот договор ќе останеше непроменет доколку не засегнеше извесни европски интереси.“

Балкан после 1453. године,  Лефтен  Ставријанос (Белград 2005 ) стр.391

Со решенијата на Берлинскиот договор Македонија во нејзините географски и етнички граници била издвоена од планираната Санстефанска Бугарија и била вратена во состав на Османлиската империја. Со Берлинскиот договор било предвидено на териториите населени со Македонци да се воведат административни реформи со кои овие територии би добиле извесни автономни права. Реформите не биле соодветно спроведени, што уште повеќе го засилило незадоволството кај македонското население.

Овие решенија не соодветсвувале на желбите и барањата на македонскиот народ за создавање независна македонска држава. Своето незадоволство од настанатата ситуација македонскиот народ го манифестирал преку организирање востанија (Македонско-Кресненското востание, 1878), формирање чети за самоодбрана, подигање буни и организирање заговори (Брсјчка буна позната и под името Демирхисарски заговор 1880-81).

Најзначајно меѓу сите востанија за ослободување на македонскиот народ било Илинденското, кое започнало на 2. август 1903 година. Востанието го организирала ТМРО со цел да се добие автономија. Во текот на востанието била создадена Крушевската Република. Тринаесет дена подоцна, Османлиите ја презеле власта и ја укинале првата република на Балканот. 

БАЛКАНСКИTE ВОЈНИ     

Создавање на Балканскиот сојуз 

По Берлинскиот конгрес на Балканскиот полуостров следел период исполнет со востанија, договори и заговори во кои директно биле вклучени двете европски сили, Русија и Австро-Унгарија. Во тоа време, односите меѓу Русија и Бугарија се влошиле, а Србија се обидела да ги прошири своите територии. Австро-Унгарија работела на зголемување на несогласувањата како меѓу балканските држави со доминантно словенско население (Србија, Бугарија, Црна Гора), така и меѓу оние со доминантно несловенско население (Грција, Романија), за на крај да ја анектира територијата на Босна и Херцеговина.

Половина век порано, кога бил создаден Првиот Балкански сојуз, рускиот амбасадор во Цариград, Николај Игњатиев изјавил: “Не смееме да имаме никакви илузии околу искреноста и постојаноста на Сојузот. Кога ќе заврши борбата со Турците, националните соперништва повторно ќе се појават и уште многу години ништо постојано нема да биде создадено на Балканскиот полуостров”. Точноста на анализите на Игнатиев била потполно потврдена со децениите непрекинати борби околу Македонија.

Балкан после 1453. године, Лефтен  Ставријанос (Белград 2005 ) стр.510

Трите балкански држави Србија, Бугарија и Грција, пројавиле интерес за европските територии кои останале под власта на Османлиската империја. Сите три држави настојувале да докажат дека територијата населена со Македонци е всушност дел од нивната територија, населена со нивно население. Заради ова, секоја од овие држави започнала да врши сопствено влијание врз македонското население, користејќи ги  училиштата и црквата.

Во периодот 1908-1909 била изведена Младотурската револуција[2], а во 1911-1912 се одвивала Турско-Италијанската војна. Овие настани создале услови балканските држави да се обидат да ги освојат преостанатите европски територии под власт на Османлиската империја. Прв чекор во оваа насока било склучувањето сојуз меѓу Србија и Бугарија, придружен со таен договор во кој била предвидена и поделба на териториите што планирале да ги освојат, а на која живееле Македонци. После серија од меѓусебни договори бил создаден Балканскиот Сојуз, како сојуз меѓу Србија, Бугарија, Грција и Црна Гора.

Првата Балканска војна и Лондонската мировна конференција

Во октомври 1912 година Црна Гора ? објавила војна на Османлиската империја. Останатите држави од Балканскиот сојуз ? се придружиле, со што започнала Првата балканска војна. Во текот на војната, балканските држави успеале да освојат голем дел од преостанатата европска територија на Османлиската империја.

Војските на државите од Балканскиот сојуз делувале на територијата населена со Македонци (српските војски се движеле по вардарската долина на југ до Лерин, бугарските војски навлегувале во предолот на денешна пиринска Македонија до Егејското море, а грчките војски во преостанатиот дел од денешна Егејска Македонија до Солун).

Во овие услови, македонскиот народ видел шанса за добивање независност и формирање сопствен�� држава. Заради ова  голем број Македонци како доброволци  се приклучувале во армиите на соседните балкански држави, со очекување дека македонскиот народ ќе биде третиран како равноправен сојузник што ќе може да формира сопствена држава. Освен тоа се формирале и чети предводени од македонски војводи. Така на пример, одредот предводен од Јане Сандански го ослободил Мелник со околните места и како предходница на бугарската војска влегол во Солун. Токму на еден банкет во Солун, во присуство на бугарски офицери, Јане Сандански се обидел да ги искаже овие очекувања, наздравувајќи за слободна и автономна Македонија. Бугарските офицери отворено се спротиставиле на оваа идеја и јасно покажале дека протерувањето на османлиската војска не значи формирање независна македонска држава, туку нова поделба и окупација, но овој пат од страна на сојузничките војски.

Првата балканска војна завршила во мај 1913 со одржување мировна конференција во Лондон со посредство на големите сили.

Непосредно пред почетокот на конференцијата започнала засилена активност на македонската емиграција, во што посебно се истакнувала македонската колонија во Петровград предводена од Димитрие Чуповски. Чуповски допатувал во Македонија и иницирал активности кои требало да помогнат во создавањето самостојна и независна македонска држава (иницијатива за испраќање делегација на Лондонската мировна конференција која требала да го постави прашањето за самостојна Македонија и иницијатива за широка пропаганда во и надвор од Македонија). По напуштањето на Македонија и враќањето во Петроград, биле испратени Меморандуми, еден до големите сили на Лондонската мировна конференција и втор до владите на балканските држави. Во Меморандумите тие барале Македонија во своите географски и етнографски граници да стане единствена, неделива и независна балканска држава и во најскора иднина да се свика македонско национално собрание кое ќе го реши прашањето за внатрешното уредување на државата.

Со договорот од конференцијата во Лондон била направена нова распределба на териториите. Најголем дел од освоената територија балканските сојузници ја поделиле меѓу себе и било договорено Албанија да стане независна држава. Териториите населени со Македонци веќе не се наоѓале под власта на Османлиската империја, туку биле поделени меѓу Балканските сојузници.

Втора балканска војна и Букурешкиот мировен договор

Првата балканска војна и Лондонскиот мировен договор создале нови несогласувања меѓу балканските сојузници заради поделбата на териториите освоени од Османлиската империја. Во новата војна која започнала во средината на 1913 година Србија и Грција се појавиле како сојузници наспроти Бугарија, а подоцна им се приклучиле Црна Гора, Романија и Османлиската империја. Втората балканска војна се водела пред сe на териториите населени со Македонци, заради нивна повторна поделба. Македонското население сега на директен начин се нашло во центарот на збиднувањата, без реална можност активно да влијае врз сопствената судбина.

Мировната конференција помеѓу земјите победнички и поразената Бугарија се одржала во  Букурешт, Романија, во август 1913 година. Со овој договор била создадена помоќна Српска држава, биле ослабени позициите на Бугарија, а Османлиската империја вратила дел од териториите кои претходно ги изгубила.

На оваа конференција била направена нова распределба на териториите населени со Македонци меѓу Бугарија, Србија, Грција и Албанија. Во составот на бугарската држава влегла територијата на денешна Пиринска Македонија со  Струмица и околината; во составот на Србија влегол денешниот Вардарски дел на Македонија; Грција ја добила денешна Егејска Македонија; а мал дел од југозападните територии населени со Македонци и припаднал на Албанската држава. Со оваа поделба биле трајно прекинати вековните врски на македонското население на овие простори. Во ниту една од државите во кои влегле делови од територијата населена со Македонци, македонскиот народ не бил признат како народ и била спроведена агресивна политика на присилна асимилација и денационализација. 

ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА И ПАРИСКАТА МИРОВНА КОНФЕРЕНЦИЈА

Учеството на Македонците во војната

Македонскиот народ ја дочекал Првата светска војна поделен меѓу соседните балкански држави. Тоа претставува значаен момент во настаните кои се случувале на територијата на Балканот непосредно пред започнувањето и за време на Првата светска војна. 

Во текот на целата војна македонското население било активно вклучено во воените активности како дел од составот на војските на државите под чија власт се наоѓало. Најчесто ова вклучување било наметнато и присилно. Србија извршила мобилизација на македонско население, при што биле регрутирани 53.000 Македонци. Овие војници без никаква воена подготовка биле испраќани во првите борбени редови. Во Бугарија била направена мобилизација на 33.000 Македонци кои живееле на територии во составот на Бугарија. Истата судбина ја имало и македонското население од териториите во составот на Грција, каде грчката влада, и покрај неутралноста, извршила регрутација на 20.000 Македонци.

На територијата населена со Македонци, која била под власт на Србија, од бугарска територија упаѓале четите на ВМРО на Тодор Александров, вршејќи терористички акции насочени против српската власт. Резултатот од ваквите активности најчесто бил уште поголемо страдање на македонското население - по повлекувањето на бугарските чети, српските власти го зголемувале теророт врз Македонците.

Паралелно со ова, македонските револуционери предводени од Јане Сандански направиле обид да го спречат влегувањето на Бугарија во војната и да го запрат нејзиното територијално проширување на териториите населени со Македонци. Групата на Јане Сандански организирала неколку средби со политички представници во Бугарија на кои било предложено да се изврши убиство на бугарскиот цар Фердинанд. Но ваквите предлози не наишле на подршка. Во меѓувреме владеачкиот режим дознал за нивните намери  и во април 1915 година Јане Сандански бил убиен. 
 
Отворање на Македонскиот фронт

Можноста за нова распределба на териториите ја мотивирало Бугарија да влезе во војната на страна на Центарлните сили. Во октомври 1915 год Бугарија ја нападнала српската војска во Македонија, а  во пролетта 1916 година бил отворен Македонскиот фронт. Со фронтот територијата населена со Македонци која била во состав на Србија и Грција била поделена меѓу војските на Антантата и Централните сили. Оваа поделба се задржала се до 1918 година кога фронтот бил пробиен и силите на Антантата ги потиснале Централните сили на север. Првата светска војна завршила со потпишување на Версајскиот мировен договор на Париската мировна конференција во 1919 година.

Последици за Македонците од Првата светска војна

Последиците од војната за Македонскиот народ биле многу тешки. Голем број градови и села биле опожарени и избришани од географската карта. Било уништено македонското стопанство. Насекаде завладеал пустош, се појавиле заразни болести и глад што дополнително влијаело врз влошувањето на состојбата. И во двата дела се вршела реквизиција и ограбување на националното богатство, населението било принудувано на присилна работа и се вршела масовна регрутација со што Македонија била претворена во огромен воен логор. На сето ова македонскиот народ одговарал со разни видови отпор. Македонскиот народ дал и голем број човечки жртви како од присилно регрутирани војници така и од редовите на цивилното население.

Возобновување на Македонското прашање и Париската мировна конференција

Во текот на војната повторно било актуелизирало  македонското прашање. Македонската емиграција  се обидувала да го наметне решавањето на македонското прашање уште од самиот почеток на војната, меѓутоа активностите  за промоција на идејата за независна македонска држава посебно се зголемиле на крајот и по завршувањето на војната. Во Швајцарија неколку македонски здруженија во декември 1918 година се обединиле во единствена организација - Генерален совет  и испратиле Апел до светската јавност во кој  го образложиле правото на Македонија и Македониците на самоопределување и независност. Во Петровград бил формиран Македонски револуционерен комитет (на чело со Димитрија Чуповски, Крсте Мисирков и Наце Димов) кој ја  иницирал идејата за создавање Балканска Федеративна Демократска Република со Македонија како рамноправен член. Македонските револуционери во Бугарија од серскиот округ на ВМОРО предводени од Димо Хаџи Димов,   објавиле "Декларација за решавање на македонското прашање во која барале автономија на Македонија во нејзините етнички граници. Подоцна оваа група се поврзала со револуционерите предводени од Ѓорче Петров и заеднички формирале Привремено претставништво на поранешната обединета ВМРО и испратиле претставник на париската мировна конференција. Емиграцијата во Цариград  организирала митинг на кој бил прочитан Мемоар во кој се заговарало обединување по принципот на Швајцарија.

Во текот на Париската мировна конференција одржана во 1919 година, во повеќе наврати и на различни начини е поставувано македонското прашање (за ова посебно се расправало на седниците на "Комитетот за создавање нови држави"). Желбите и интересите на  македонскиот народ за осамостојување и создавање сопствена држава биле јасни и недвосмислени, меѓутоа не наишле на позитивен одговор од страна на големите сили. На крајот, на Париската мировна конференција македонското прашање било решено како малцинско прашање и територијата населена со Македонци  била поделена помеѓу четирите соседни држави: Србија, Грција, Бугарија и Албанија. Вардарскиот дел од Македонија влегол во составот на новосоздадената држава Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Пиринскиот дел на Македонија влегол во составот на Бугарија (Струмица со околината и била одземена и дадена на Кралството СХС). Егејскиот дел на Македонија останал во составот на Грција а еден помал дел од југозападна Македонија припаднал на Албанија.

Поделбата на територијата на која живееле Македонци оставила тешки и долготрајни последици на понатамошниот развој на националната свест на Македонците, и врз развојот, како на економски и општествено – политички, така и  на  културно-просветен план.

-----------------------------------------------------------------------
[1] Со терминот „источно прашање“ („источна криза“) се опишуваат дипломатските проблеми во Европа во текот на 19 и почетокот на 20 век поврзани со пропаѓањето на Османлиското царство. Австро - Унгарија, Велика Британија и Русија се големите сили вмешани во дебатата за иднината на империјата  во распаѓање. Во основа Велика Британија и Австро - Унгарија се залагале за одржување на слабата империја, додека Русија го поддржувала формирањето на националните држави на територијата на Балканскиот полуостров. Источното прашање било поврзано со стравот дека една од европските сили ќе је наруши создадената рамнотежа меѓу нив со тоа што ќе извлече поголема корист од промените кои се случувале во Османлиската империја.

[2] Под терминот „Младотурска револуција“ се подразбира движењето на младата турска интелегенција во Османлиската империја, која сметала дека слабоста на империјата е резултат на корумпираниот систем на апсолутистичко владеење на султанот. Нивна цел била зачувување на Османлиската империја со спроведување на обемни реформи во целото општество.