faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Десетици милиони евра во неповрат поради неуспешни проекти

Некои од донаторите велат дека нивното трпение со општините е при крај и дека ќе се замислат дали повторно би вложиле во општините кои не се докажале на полето на донаторството.
Проценките на МЦМС покажале неколку црни примери во менаџирањето на проекти кои ја чинеле организацијата околу 280 илјади евра за проектите од областа на инфраструктурата кои не функционираат

Жаклина Ѓорѓевиќ

Десетици милиони евра кои преку странски донации се влезени во земјава отишле во неповрат поради лошо менаџирање на проекти кои на крајот завршиле неуспешно или никогаш не се ставени во функција. Ова е проценката на некои од донаторите во Македонија кои токму од овие причини ја ревидираат понатамошната соработка со земјава, издвојувајќи ги општините на успешни и неуспешни во менаџирањето со проекти. Некои од донаторите велат дека нивното трпение со општините е при крај и дека ќе се замислат дали повторно би вложиле во општините кои не се докажале на полето на донаторството.

Проценките на Македонскиот центар за меѓународна соработка, една од ретките организации во земјава која инвестира во инфраструктура (преку германски и норвешки средства), покажале неколку црни примери во менаџирањето на проекти кои ја чинеле организацијата околу 280 илјади евра за проектите од областа на инфраструктурата кои не функционираат успешно. Во оваа сфера не се задоволни и останатите донатори кои ги префрлуваат средствата на поуспешните општини.

Незадоволството е обострано и кај донаторите и кај општините. Првите се незадоволни поради доцнењето или неодржувањето на проектите, додека вторите очекувале дека станува збор за донации во вистинска смисла на зборот, па оттаму од нив не би требало да се бара денар за одржување на објектите.

Поучени од лошите примери во минатото, МЦМС, една од ретките невладини организации во земјава решија веќе да не издвојуваат пари за инфраструктурни проекти од областа на санитацијата, поточно нивните средства сега ги пренаменуваат исклучиво за водоснабдување, а не и за пречистителни станици односно канализациони системи. Како црни примери тие ги наведуваат случаите со нефункционирањето на водоснабдителни системи во четири места во општина Јегуновце, каде новите системи кои тие ги изградиле не функционираат, како што е случајот во селата Прељубиште, Жилче, Подбреѓе и Јанчиште. МЦМС се незадоволни бидејќи во Подбреѓе и Јанчиште каде со свои средства се вклучиле и Програмата за развој на ОН-УНДП, жителите немаат волја да се приклучат на новата водоводна мрежа и чекаат некој друг да им ги финансира приклучоците. МЦМС се разочарале и од жителите на селото Прељубиште, каде новиот систем отежнато функционира поради тоа што селаните го оштетиле со тоа што ја извадиле новата пумпа и ја замениле со помала. Проблеми со функционирањето на системот има и во селото Жилче каде по оштетување на пумпата се утврдило дека квалитетот на водата е незадоволителен. Во МЦМС не се задоволни ниту од проектите за водоснабдување во кривопаланечко Узем, како и во скопско Страчинци. Во Узем, исто така нема волја од жителите да се вклучат во водоснабдителниот систем, додека системот во Страчинци се затнува и нема кој да го одржува. Успешно не функционира ниту системот за дополнително водоснабдување на жителите од Долни Количани во општина Студеничани, поради оштетување на зафатот од страна на селаните. Тие сакајќи да обезбедат повеќе вода копаат нов извор во близина на постоечкиот и го оштетуваат. 

„МЦМС тринаесет години поддржуваше проекти за водоснабдување и санитација. Досега сме поддржале над 230 заедници, пред се рурални, а меѓу нив седум проекти за санитација. Од нив е успешен само еден. Кај другите не функционираат пречистителните станици. Последниот седми проект во Карбинци е откажан поради негативна физибилити студија која покажа дека сите достапни и стандардни решенија за санитација и пречистителни станици во мали и рурални заедници имаат толку високи трошоци така што граѓаните не сакаат или не можат да ги платат таквите високи трошоци“ вели Сашо Клековски, извршен директор на МЦМС. Тој нагласува: „Тоа значи дека повеќето вакви проекти за санитација по неколку години нема да функционираат поради неодржување“. Слични проблеми има и со системите за водоснабдување каде цената на водата не ги покрива трошоците за одржување и развој, додава Клековски. Според него, ефикасноста во употребата на донации е намалена поради скапите трошоци за ангажирање на странски компании за спроведуваљње на проектите. Цената за еден странски експерт се движи од 500-100 евра на ден. Клековски додава дека причина е и недостигот на стратегија на земјата и координација меѓу Владата и министерствата и лошата координација меѓу министерствата и општините.

Во историјата на донаторството во земјава ќе остане запаметен примерот со нефункционирањето на водоводна мрежа вредна пет милиони евра, обезбедени преку јапонски грант за проектот "Подобрување на водоснабдување на населените места во околината на Скопје" кој требаше да опфати седум општини. Проектот тапка во место поради политички препукувања, велат надлежните во Министерството за транспорт и врски. А, за сметка на тоа 8 илјади жители од општината Петровец се уште се без чиста вода за пиење поради неможноста секундарната мрежа, која е јапонска донација да се приклучи на примарниот водовод во трите населени места, Гази Баба, Илинден и Петровец. Јапонските експерти кои работеа на мрежата си заминаа лути од земјава поради неодговорноста на македонските власти кои не ги известиле навреме дека примарната мрежа не е довршена. Во меѓувреме, локалните власти, Министерството за транспорт и врски и Министерството за локална самоуправа си ја префрлуваа вината околу нереализираната донација. Во овие две години, колку што трае натегањето меѓу македонската и јапонската страна, двете општини Илинден и Гази Баба успеале да издејствуваат средства за да ја довршат мрежата, но сега работите ги кочи Општина Петровец, која бара државата да ги намири обврските и да ја доврши мрежата.

Но, не е проблемот само кај инфраструктурните проекти. Проблеми има и во други области. Таков е примерот со тајванската помош во 2001 година, кога во земјава се обзбедени 1,5 милиони германски марки, односно 750 илјади евра за изградба на ветеринарни станици, здравствени амбуланти и училишта во руралните средини. Скоро половина од ветеринарните станици обезбедени преку оваа помош не функционираат поради тоа што не ги исполнуваат условите за работење или пак никој не бил заинтересиран да ги разработи. Работат само станиците во Тајмиште, Муртино, Ерџелија, Свети Николе, додека не функционираат во Драгобраште, Житоше и  Робово.

Донаторите не се рамнодушни и кога станува збор за одолговлекување на проектите кога се принудени да го пролонгираат рокот за изведба. Иако до 15 октомври требаше да финишира изградбата на системот за отпадни води крај Велешкото езеро, проектот вреден 481 илјади евра тапка во место. Проектот е блокиран од локалните мештани од селото Новачани кои не даваат станицата да се изгради над нивното село во близина на двата мотела крај езерото, со што сметаат дека нема да ги опфати и нив во колекторскиот систем кој би требало да поминува низ нивното село. Тие тврдат дека проектот тапкал во место година и половина, а од скоро е почната да се работи канализацијата покрај езерото во близина на мотелите. Жителите се плашат дека градоначалникот Аце Коцевски ќе ги излаже во намерите и тие да бидат опфатени во системот. До сега дваесетина пати протестирале бидејќи велат никој не ги консултирал. „Со живи тела ќе се браниме и нема да им дозволиме да ги пуштат фекалиите да течат низ нашето село. Не сакаме да ни градат нешто, а никој да не ни објасни за што станува збор. Нека ни каже некој која филтер станица во земјава работи. Градоначалникот Коцевски досега ништо не направил за селото, па тогаш како да му веруваме?“ вели Борис Станковски од селото Новачани.

Градоначалникот Аце Коцевски уверува дека новачани немаат причина да се лутат бидејќи општината решила да одвои 5 милиони денари и тие да се вклучат во проектот. Тој негира дека проектот досега се пролонгирал поради незадоволството на Новачани, туку причина било неисплаќањето на обврските меѓу изведувачот и подизведувачот. 

Во ЕАР велат дека се свесни за потешкотите на проектот поради опструкциите на локалните жители, но се надеваат дека ќе се надминат несогласувањата. „Договорните страни се соочуваат со извесни потешкотии за време на имплементацијата на некои инфраструктурни проекти што води до прологнирање на предвидениот период. Најмногу од нив, како што е случај со посочениот пример се поврзани со обструкциите кои ги има договорната страна со локалното население. За жал, многу често овие проблеми не се успешно решени од страна на општините како што е овој случај“ велат во ЕАР. Тие посочуваат дека од овие причини има застои и во нивните проекти за водоснабдување на селата Буковиќ, Ласкарци како и Теарце. 

Во ЕАР додаваат дека ниту еден од овие проблеми не спаѓа во нивна надлежност, туку на општините. Оттаму се зачудени зошто за овие проблеми не сакаат да зборуваат во Министерството за локална самоуправа, која не препрати во ЕАР бидејќи наводно тие се одговорни за имплементација на проектите. Од ЕАР упатуваат на Меморандумот на разбирање кој го потпишале со Министерството за локална самоуправа како договорна страна и општините како корисник на проектот. Тие додаваат дека во финансираните проекти тие се само финансиер, а не и имплементатор.       

Во Министерството за локална самоуправа избегнуваат да зборуваат за проектите кои ги менаџираат со ЕАР под изговор дека тие се имплементатори на проектите.