faqja e pare      për ne          redaksia       parapagimi      marketingu       kontakt  

5.11.2011  
 Arkivi
 2009
 2008
 2007
 2006
 2005

Окупацијата и поделбата на Македонија

Фашистичката окупација

Втората светска војна го затекнала македонскиот народ поделен во три држави: Југославија, Грција и Бугарија. Бугарија, на 1. март 1941 година склучила сојуз со нацистичка Германија, додека Грција и Југославија во краткотрајната априлска војна од 1941 г. биле поразени и окупирани од страна на силите на оската, што ја сочинувале Германија, Италија и Бугарија. Така целата територија на Македонија била окупирана од фашистичките сили и поделена на окупациони зони.

Бугарија, која претходно го имала П��ринскиот дел на Македонија во својот состав, го добила поголемиот дел од Вардарска Македонија и источниот дел од Егејска Македонија. На Италија u  припаднале: поголемиот дел од Западна Македонија (Тетово, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга), преспанските села и Костурско во западниот дел на Егејска Македонија. Преостанатиот дел од Егејска Македонија го окупирале германските сили. Припојувањето на окупираните делови од Македонија кон Бугарија, бугарските окупатори ја прикажувале како ослободување на своите национални територии, а припојувањето на окупираните делови од Македонија кон Албанија, Албанците го доживувале како ослободување на своите национални територии.

Веднаш по окупацијата бугарските власти започнале со организирање на својата власт поделувајќи ја окупираната територија на две административни области: Скопска и Битолска. Во овие области окупациониот систем бил наметнат во сите сфери на живеењето (државно-административната, полициската, воената, образовната и црковната), во кои започнале да важат граѓанските и административните закони на царството Бугарија. Во власта влегло и локално население што било лојално на новиот режим.

Во италијанската окупациона зона цивилната и судската власт започнала да се воспоставува во мај 1941 година, а веќе од јули ова окупационо подрачје u било препуштено на квислиншка Албанија, со што оваа територија станала дел од Голема Албанија. На тој начин, во Западна Македонија била воспоставена албанско-италијанска власт. Властите формирале и своја окружна управа (префектура) со центар во Дебар каде се наоѓала и командата на италијанската дивизија „Фиренца“. Албанските судови започнале да функционираат во мај 1941 година. Воено-полициските сили ги сочинувале жандармеријата (карабињерите), кои биле под италијанска команда, и полицијата (квестурата), која била под албанска команда.

Со капитулацијата на Италија во септември 1943 година, италијанската окупациона зона ја презеле германските нацисти, а власта и понатаму била во рацете на албанските колаборационисти. Германските окупатори ја продолжиле политиката на поддршка на идеите за Голема Албанија, со цел да формираат база за борба против комунистичките антифашистички сили. Така, под влијание на германските разузнувачки служби биле активирани албански фашистички организации кои подоцна се претвориле во балистички вооружени формации.

Положбата на Македонците во Вардарскиот дел на Македонија

Фактот дека окупирањето на територијата на Македонија од страна на бугарската држава било прикажувано како ослободување на бугарска територија претходно под власт на кралството Југославија, им служело како изговор на бугарските окупатори да применуваат различни стратегии за разбивање на единството на македонскиот народ. Освен што бугарсткиот јазик бил прогласен за единствен официјален јазик, бил донесен и посебен закон со кој на населението од окупираните територии му се наметнало бугарско државјанство и му се одзело правото на секој поединец да се изјаснува како Македонец. Згора на тоа, власта ги менувала имињата и презимињата на Македонците со цел да добијат бугарска форма.

Денационализаторската и асимилациската политика на бугарската власт најмногу доаѓале до израз во сферата на образованието и во црковното дејствување. Уште во 1941 година бугарската влада почнала да го воведува бугарскиот образовен систем со цел да се бугаризира македонската култура и да се асимилира македонскиот народ. Училиштата биле на бугарски јазик, со бугарски наставници и со предмети како: бугарска историја, бугарски јазик и култура и сл. Бугарската православна црква воспоставила црковна управа на тој начин што поставила свои свештеници, сменувајќи ги и прогонувајќи ги свештениците од српско и македонско потекло. Во своите проповеди, бугарските свештеници го истакнувале „бугарското потекло“ на македонскиот народ. Посебен вид пропаганда насочена кон младината се спроведувала преку специјално подготвуваните весници („Македонија“ и „Целокупна Бугарија“), но и преку разни политички групации составени и од локални соработници на окупаторот („Отец Пајсиј“, „Браник“, „Македонскиот иницијативен комитет“). Сите противници на режимот, а посебно комунистите биле прогонувани, апсени и мачени од страна на бугарската полиција.

Делот од Македонија окупиран од италијанската војска бил припоен кон Албанија и понатаму третиран како ослободена албанска територја. Албанците во Македонија, ко�� во кралството Југославија биле обесправувани како и Македонците, се здобиле со права кои претходно не ги уживале: право на користење на албанскиот како официјален јазик и право на образование на албански јазик. Со прогласување на албанскиот јазик за официјален, сите јавни натписи на установите, трговските и угостителските дуќани морале да се заменат со натписи на албански и италијански, а целокупната администрација морала да се води на албански јазик. Наставата во училиштата се одвивала на албански јазик. Македонците биле принудени да одат во училишта на албански јазик, со наставници и учебници од Албанија, кои ги пропагирале големаолбанските и фашистичките идеи.

Албанизацијата што ја спроведувала квислиншката влада одела до таму што ги преименувала градовите и селата во Западна Македонија, давајќи им албанска форма. Истото се случувало и со имињата и презимињата на македонското население, кои во многу случаи добивале албанска форма.

На овој дел од територијата на денешна Македонија дејствувале и голем број балисти и качачки групи кои, под изговор дека водат борба против партизаните, го тероризирале македонското население. Нивните акции особено се засилиле по замената на италијнската окупација со германска. Делувајќи во име на големоалбанските националистички организации кои соработувале со фашистичките сили („Втора Призренска Лига“, „Легалитет“, „Бали Комбетар“ и др.), балистите и качачките групи  опожарувале, пљачкосувале и убивале по селата, принудувајќи го локалното македонско население (главно од Гостиварскиот регион) да ги напушта своите домови.

Положбата на Македонците во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија

Слична била и ситуацијата на Македонците во Пиринскиот и Егејскиот дел на Македонија. Положбата на Македонците, кои сочинувале повеќе од 90% од населението, не се променила. Непризнавањето на македонскиот идентитет од страна на царска Бугарија продолжило и понатаму, а секоја обид за спротивставување бил жестоко казнуван. Денационализаторската политика била континуирано спроведувана преку образовниот и културниот систем проследена со полициски и други мерки на репресија и терор. За пример, само во селото Белица биле уапсени и испратени во концентрационен логор 150 лица.

Македонскиот народ во Егејска Македонија се нашол поделен во три окупациони зони: бугарска, германска и италијанско-албанска. Во германската зона, нацистите со поддршка на грчката квислиншка управа, воделе жестока пропаганда која првенствено била заснована на антимакедонски и антикомунистички основи. Тие настојувале да го користат традиционалниот страв на Грците од Словените, кој датирал од порано. Така поради македонските национални пројави во Егејска Македонија уште пред почетокот на војната близу 5000 Македонци биле затворени и интернирани на разни грчки острови.

БОРБАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ И ОБЕДИНУВАЊЕ

Антифашистичкиот отпор во Вардарскиот дел на Македонија

Уште од самиот почеток на окупацијата, македонскиот народ започнал со подготовки за вооружен антифашистички отпор. Како организатор на овие подготовки се појавила Комунистичката партија на Југославија на чело со Јосип Броз Тито, во чија програма[1] македонскиот народ ја видел својата прилика за национално и политичко ослободување.

И покрај проблемите кои се јавиле во почетокот на вооружената борба во Вардарска Македонија, во периодот август-октомври 1941 година дошло до формирање на првите партизански одреди: Скопскиот, Прилепскиот и Кумановскиот. За почеток на вооружениот антифашистички отпор се смета акцијата на Прилепскиот одред од 11 октомври 1941 година, кога биле нападнати бугарската полициска станица, затворот и поштата во Прилеп. Иако воените успеси на овие први партизански акции биле скромни по обем, тие сепак имале силно политичко значење.

Вооружениот отпор земал поголем замав по јуни 1942 година, кога обновениот Покраински воен штаб бил преименуван во Главен штаб на Народноослободителните одреди на Македонија на чело со Михаило Апостолски. Оваа промена создала услови за поголема воена и политичка активност на припадниците на отпорот. Успесите што ги постигнала антифашистичката коалиција на сите фронтови во текот на 1943-1944 година имале позитивно влијание и на политичкиот развој на антифашистичката војна во Македонија. Токму во овој период се случиле и главните  воено-политички настани пресудни за исходот на војната во Македонија.

Во март 1943 година во Тетово бил одржан првиот состанок на Централниот комитет (ЦК) на новоформираната Комунистичка партија на Македонија (КПМ), а за нејзин прв секретар бил именуван Лазар Колишевски. На истиот состанок било одлучено да се соработува со движењата на отпорот во Албанија, Бугарија и Грција. На следниот состанок на ЦК на КПМ на 2.08.1943 година во Отешево (Преспански состанок), биле донесени неколку важни одлуки. Освен што било решено да се формираат батаљони и бригади што ќе бидат подготвени да дејствуваат на поголем простор и Народноослободителни одбори како органи на новата власт, најважната одлука била да се започнат подготовките за свикување на Антифашистичкиот Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ).

Пред одржувањето на Преспанскиот состанок, регионот на Дебарца станал поприште на борбени дејствија кои траеле подолго време и резултирале со постепено создавање на првите поголеми слободни територии. Во оваа област била формирана Првата Македонско-Косовска народноослободителна бригада, на која u претходело формирањето на батаљонот Мирче Ацев, кој бил првата регуларна воена единица на Народно ослободителната војска на Македонија (НОВ). Тука се наоѓало верското намесништво чија задача била да работи на создавање на македонска православна црква, а започнале со работа и првите училишта на мајчин македонски јазик. 

Значаен настан од овој период било одржувањето на второто заседание на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ) во Јајце на 29 ноември 1943 година. На ова заседание е озваничена можноста Вардарска Македонија да ја продолжи борбата за создавање на македонската држава како рамноправна членка на југословенската федерација. Со тоа биле остварени програмските цели содржани во манифестотот на Главниот штаб на НОВ издаден во октомври 1943 година.

Од воените акции на партизанските сили посебно место зазема прочуениот Февруарски поход од 1944 година. Борбените дејства на македонските единици опфатиле поголем дел од територијата на Вардарска Македонија и дел од Егејска Македонија. Благодарејќи на овој поход оружената борба се проширила низ цела Македонија, се зголемил приливот на нови борци, а македонската војска добила воено признавање за учеството во антифашистичката војна од присутните сојузнички воени мисии. 

Извадоци од дневникот на еден борец, учесник на Февруарскиот поход

Не знам кој датум е, деновите ги бројам според стеменувањето и разденувањето. Изгледа се наоѓаме некаде во Велешко, во некои напуштени трла. Нашата бригада се враќаше од една акција. Се веселевме, бидејќи успеавме да заробиме 15 Германци. Сега сето тоа е далеку изгубено во зимската пустош. Ноќеска ќе останеме овде...

Шеснаести ден. Многу сме извалкани и запуштени. Чај вариме од букова кора... Изутрина рано тројца доброволци отидоа на патрола. Седев крај огнот и во порцијата си топев снег. Еден од другарите ми се приближи, ме повлече за рака и ми шепна: “Овдека има јаготки, јас ги пронајдов. Потоа клекна и почна да собира брбушки. Една по една ги ставаше во уста. Никој не му се насмеа...

Патролата се врати. Се поврзала со некои селани. Донесоа малку грав. Го поделивме и секој доби по девет зрна... Утре ќе тргнуваме. Ќе продолжиме за Дебарца. Снегот е длабок и едвај се пробиваме...

(извор: Косадин Делиниколов; Историска читанка за средно образование; Скопје 1976)

Како реакција на воените успеси на силите на антифашистичкиот отпор истата година бугарските окупаторски војски ја презеле познатата Пролетна офанзива за да им го олесни повлекувањето на германската војска од Грција на север преку Македонија. Главниот штаб на НОВ ја искористил оваа офанзива за да ги започне операциите за ослободување на Македонија.

Завршните ослободителни операциите започнале кон крајот на летото 1944 година, а се засилиле по капитулацијата на Бугарија во септември, кога народноослободителната борба добила општонароден карактер. И покрај замената на бугарските војски со германски, единиците на македонската војска во периодот од септември до ноември ги ослободиле сите градови во Вардарска Македонија.

Македонските партизани учествувале и во воените операции на Косово против балистичките и германските воени единици. Исто така, 15-от македонски корпус кој броел 22 000 борци, и на чие чело се наоѓал искусниот шпански борец Алекса Демниевски–Бауман, заминал на Сремскиот фронт учествувајќи во завршните операции за ослободување на Југославија.

Антифашистички отпор во Егејскиот и Пиринскиот дел на Македонија

Во Пиринска Македонија инцијативата за организиран антифашистички отпор била во рацете на Бугарската комунистичка партија. Првите партизански вооружени групи во овој дел од Македонија биле предводени од Иван Козаров и Никола Парапунов. Првата акција била изведена од групата на Козаров, само пет дена по нападот на нацистичка Германија на Советскиот Сојуз во јуни 1941 година. Во партизанските групи членувале комунисти и поранешни раководители и активисти на ВМРО (Обединета).

Во годините што следеле приливот на нови борци во партизанските одреди се зголемувал поради тоа што антифашистичката борба не била само борба против фашизмот, туку и можност за остварување на вековните стремежи за национално и територијално обединување на македонскиот народ. Така, во 1942 година во Разлошкиот, во Горно Џумајскиот и во Петричкиот регион биле формирани нови партизански чети, а во мај 1943 година бил формиран и партизанскиот одред „Јане Сандански“. Во наредниот период и други чети од Пиринскиот дел прераснале во одреди кои во 1944 година се поврзале со партизанските единици од Вардарскиот дел на Македонија.

По капитулацијата на фашистичка Бугарија и преземањето на власта од страна на Отечествениот фронт, Македонците од Пиринскиот дел со право очекувале новата власт да ги почитува нивните национални права и во тоа име се бореле против германската власт на страна на Отечествениот фронт.

Македонците од Егејскиот дел на Македонија исто така рано се вклучиле во антифашистичкиот отпор. Во летото 1941 година на територијата на Егејска Македонија под раководство на КПГ биле формирани партизански групи во Кукушко, Нигридско, Кајларско и Пајак Планина, во кои учествувале и борци од вардарскиот дел на Македонија. Овие групи ги извршиле и првите акции против фашистичките окупатори.

Во септември 1941 година Комунистичката партија на Грција (КПГ) ги повикала и  Македонците да се вклучат во општата антифашистичка борба на балканските народи. Македонците од Егејскиот дел го прифатиле повикот и покрај недореченостите на КПГ по однос на македонското прашање и фактот што поголем број македонски политички активисти се наоѓале по затворите и логорите. Меѓу најпознатите борци на македонското ослободително движење и учесници во антифашистичкиот отпор, како член на КПГ се вбројува и Лазо Трповски, кој бил свирепо убиен од грчките националисти во 1943 година.

Во 1942 година покрај омасовувањето на партизанското вооружено движење во овој крај биле формирани и неколку политички организации како што се: Македонската антифашистичка организација (МАО) во Воденско и Славјано-македонскиот ослободителен фронт (СНОФ) во Костурско. Овие политички организации почнале да го истакнуваат македонското национално прашање на територијата на Грција во периодот на војната.

Антифашистичката борба на Македонците на оваа територија сe повеќе се доживувале како борба за конечно и праведно решавање на македонското национално прашање што подразбирало и обединување на трите дела на Македонија. Водени од таквите стремежи сe поголем број борци пристапувале кон партизанските единици, со што биле создадени услови за формирање на покрупни воени формации. Така, со наредба на КПМ, во ноември 1944 година била формирана и Првата Егејска ударна бригада.

Есента 1944 год. развојот на настаните во Егејскиот дел на Македонија тргнал во поинаков правец откако британската војска воено интервенирала во Грција. Како резултат на оваа интервенција, КПГ ги изгубила позициите, а на власт во Грција се вратила предвоената влада, која ја продолжиле својата антимакедонска политика во наредниот период. 

Борбата за национално обединување

Идејата за национално обединување на македонскиот народ била присутна уште од почетокот на народнослободителното движење, како дел од антифашистичката борба. Прашањето за национално обединување за прв пат било отворено искажано уште во 1941 година од страна на Методија Шаторов-Шарло, тогашниот секретар на Покраинскиот Комитет на КПЈ за Македонија. Повикувајќи се на континуитетот на илиденската епопеја од 1903 година, Шарло истакнал дека е потребно “да се обединат сите Македонци во остварувањето на своето право за слобода и рамноправност против поделбата на македонската земја и македонскиот народ”. Исто така, тој сметал дека македонскиот народ треба самостојно да ја води борбата без директно вли��ание на КПЈ како единствен начин за остварување на идеите за целосна и самостојна Македонија. Ваквите ставови на Шарло, како и неговата одлука за привремено приклучување на партиските организации од Вардарска Македонија кон Бугарската комунистичка партија (БКП), предзивикале судир со КПЈ, кој резултирал со негово сменување од функцијата секретар на Покраинскиот комитет на КП за Македонија.

Сe поприсутната идеја кај Македонците за национално и територијално обединување на сите делови била сосечена од страна на генералниот секратар на КПЈ, Јосип Броз Тито (септември 1943 година), кој го нападнал раководството на КПМ за неговите автономистички национални тенденции за одвојување на КПМ од КПЈ и одвојување на борбата на македонскиот народ од борбата на другите народи на Југославија. Ваквиот став негативно се одразил врз стремежите на македонскиот народ за национано обединување, кои сега биле постиснати во заден план.

Важен документ од овој период бил Манифестот на Главниот штаб на Народноослободителната војска и паризанските одреди на Македонија од октомври 1943 година, со кој се повикувале сите народи во Македонија да се вклучат во антифашистичката војна. Иако во него стоело дека македонскиот народ никогаш претходно не се наоѓал во поповолна ситуација за исполнување на своите вековни стремежи за национално обединување, документот бил нападнат со образложение дека недоволно јасно ја изразува потребата за национално обединување на Македонците.

Прашањето за национално обединување на македонскиот народ било главната тема на разговорите што делегацијата на иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, составена од Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев, ги водела со Тито, во јуни 1944 година на островот Вис. Тогаш Тито нагласил дека уште е рано да се поставува прашањето за обединувањето на Македонците за да не се ослабне борбата против заедничките окупатори, но истовремено ветил дека веднаш по војната тој лично ќе се заложи за решавање на ова прашање со оглед на неговот значење, не само за македонскиот народ, туку и за цела Југославија.

СОЗДАВАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА

Народноослободителни одбори (НОО)

Уште во текотот на војната биле создадени народноослободителни одбори од страна на КПМ. Во почетокот, нивната основна дејност била насочена на прибирање оружје, храна и облека за партизаните. По создавање на првите слободни територии ја вршеле и функцијата на органи на народната власт, грижејќи се за снабдување на населението со основните прехрамбени продукти, за општо народниот имот, за посредување во спорови меѓу селаните и сл. Освен тоа, НОО биле одговорни и за културно-простветниот живот на слободните територии: ги отвориле првите училишта на мајчин македонски јазик, организирале курсеви за описменување на луѓето, приредби и сл. Ваквата активност на одборите создала услови, особено кон крајот на 1943 година за формирање на повисоки органи на новата власт.

Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ)

Во согласност со одлуките на Преспанското советување од август 1943 година, во ноември истата година на слободната територија во Дебарца, каде се наоѓал Главниот штаб и членовите на ЦК на КПМ бил формиран Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ.  Како политички претставник на народната власт,  Иницијативниот одбор презел некои функции на Главниот Штаб и ги прифатил одлуките од второто заседание на АВНОЈ. Одборот имал девет члена и негов претседател бил Методија Андонов-Ченто, а секретар Киро Глигоров. Ова највисоко претставничко тело на македонскиот народ во април 1944 година се проширило на 22 члена, кое во улога на неформална влада ги завршило подготовките за одржување на првото заседание на АСНОМ.

Првото заседание на АСНОМ се одржало на 2 август 1944 година во манастирот “Прохор Пчински”. На него учествувале 60 од вкупно избраните 116 делегати од сите делови на Македонија, а присуствувал и делегат на КПЈ (Светозар Вукмановиќ-Темпо) како и шефовите на американската и британската воена мисија. На заседанието, под претседателство на Ченто, биле донесени сите релевантни документи неопходни за создавање на македонската држава.

Првото заседание на АСНОМ го отворил најстариот член на Иницијативниот одбор, учителот од Велес Панко Брашнаров со зборовите: “ Во овој момент, во ова историско место 'Св. Отец Прохор Пчински' и на овој историски ден - Илинден, кога објавувам да е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускувајат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држва

АСНОМ бил прогласен за врховен, законодавен и извршен орган на новата македонска држава во Вардарскиот дел на Македонија. Демократска Федерална Македонија (ДФМ) станала рамноправна членка во новата Демократска Федеративна Југославија (ДФЈ). Македонскиот јазик бил прогласен за службен во новата држава, а 2 август - Илинден бил прогласен за државен празник. Еден од најдемократските акти во тоа време била и Декларацијата за основните права на граѓанинот, напишана од д-р Владимир Полежиноски. Со првиот член од оваа Декларација им се гарантирала слобода и рамноправност на сите граѓани, без оглед на нивната верска, национална и политичка припадност, а со вториот член се гарантирале и правата на националните малцинства. Исто така биле донесени и важни решенија во врска со образованието, здравството, приватната сопственост, Македонската црква и др. Со одлуките на АСНОМ бил потврден вековниот стремеж на македонскиот народ за создавање на сопствена држава.

Одгласот на АСНОМ во Егејска и Пиринска Македонија

Првото заседание на АСНОМ имало силен одглас и во Егејскиот дел на Македонија. Од една страна, дошло до помасовно вклучување на Македонците во ослободителната војска на Грција, со надеж дека преку заедничка борба ќе можат да ги остварат своите национални права. Од друга страна, сe повеќе се наметнувала и потребата за сопствена организација што би го водела движењето на отпорот на Македонците во овој дел на Македонија, со што јасно би се определила нивната улога во рамките на антифашистичкото движење во Грција, како и нивниот статус по завршувањето на војната. Во овој дел на Македонија АСНОМ ги зајакнал и идеите за обединување на Македонците во заедничка држава. Така на пример, штабот на Леринско-костурскиот баталјон “Гоце” ги доживеал решенијата на АСНОМ како настан што треба да поттикне на “воскреснување и обединување на целиот македонски народ во нашата татковина Македонија”.

И Македонците во Пиринска Македонија позитивно ги примиле решенијата на АСНОМ, што особено се почувствувало по капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година и доаѓањето на власт на Комунистичката партија на Бугарија (КПБ) и Отечествениот фронт. Заради воспоставување добри односи со КПЈ, КПБ била принудена да го разгледува и признавањето на македонската нација, како и правото на македонското национално малцинство во Бугарија. И покрај тоа што некои опозициони партии во Бугарија се спротивставувале на решенијата на АСНОМ, на 17 септември 1944 година владата на Отечествениот фронт на Бугарија донела Декларација со која ја признала ДФ Македонија и покажала подготвеност за создавање услови за решавање на македонското национално прашање.

Новата македонска држава и прашањето за национално обединување

Македонскиот народ со АСНОМ успеал да формира своја држава само на еден дел од својата етничка територија - Вардарска Македонија. Останатите два дела - Егејскиот и Пиринскиот, по завршувањето на војната останале во рамките на Грција и Бугарија, со што македонскиот народ останал територијално разделен и покрај ветувањата што ги добил пред и за време на војната.

Веднаш по конституирањето на првата македонска држава дошло до разидување во највисокото раководство по однос на македонското национално прашање. Еден дел од раководството на чело со Лазар Колишевски, сметал дека преку создавањето на македонската држава на дел од нејзината етничка територија била остварена целта на антифашистичката борба и дека иднината на Македонија треба да се гледа во градење на новиот социјалистички поредок во рамките на југословенската федерација. Наспроти нив стоел друг дел од раководството, меѓу кои биле Методија Андонов-Ченто, Емануел Чучков, Киро Глигоров, а подоцна и Венко Марковски, Петре Пирузе и др., кај кои сe уште била жива идејата за обединување на Македонија. И покрај тоа што го прифатиле статусот на Македонија како федерална единица во рамки на Југославија, тие не се откажувале од остварување на идејата за обединета Македонија, било во рамки на постоечката југо��ловенска федерација, било во состов на некоја идна Балканска федерација.

Набрзу дошло до политичка пресметка помеѓу овие две идеолошки спротиставени струи во македонското политичко раководство, при што победила струјата на Колишевски поддржана од југословенскиот политички врв. Лидерот на поразената група, Методија Андонов-Ченто, кој уште во првите денови по ослободувањето го кренал гласот против реваншизмот кон идеолошките противници, монтираните судски процеси и убиства, бил принуден во јули 1946 година да поднесе оставка од раководната функција. Неколку месеци потоа, на монтиран судски процес и самиот бил осуден на единаесет години затвор. Исто така, и сите негови истомисленици и приврзеници биле политички изолирани, а некои од нив на монтирани судски процеси неправедно осудени.

Пред крајот на војната, во Македонија постоеле и политички струи, кои ја заговарале идејата за обединета, самостојна Македонија. Тие се спротиставувале на решенијата од АВНОЈ и АСНОМ, и не го прифаќале фактот дека Македонија останала поделена, а само еден нејзин дел се стекнал со државност во рамки на југословенската федерација. Меѓу нив имало и такви кои под идејата за обединета Македонија се обидувале да делуваат спротивно на интересите на македонскиот народ. Тогашното политичко раководство ги прогласило припадниците на овие политички струи за непријатели на државата. Како последица на тоа, голем дел од нив биле политички изолирани, осудени на затвор, па дури и ликвидирани.

----------------------------------------------------------------
[1] КПЈ ги привлекувала своите членови и симпатизери со прокламирана меѓунационална толеранција Според прокламираната програма, КПЈ се борела за бескласно општество и социјална правда, се залагала за решавање на националното прашање, што го подразбирало правото на самоопределување. По избивањето на Втората светска војна, КПЈ се наметнала како главен носител на антифашистичкиот отпор.